1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: „Славевме победи и се соочувавме со падови“

АМ/макфакс/миа31 декември 2013

„Да останеме верни на вековната традиција на соживот, преку меѓусебно разбирање, прифаќање и почитување“, порачува македонскиот претседател Ѓорге Иванов во неговата новогодишна честитка до граѓаните.

https://p.dw.com/p/1AjQ1
Фотографија: MAKFAX

„Остануваме доследни на вистинските вредности и упорни во остварувањето на нашите праведни цели и стратегиски определби. На тој наш пат не смееме да заборавиме дека каква Македонија ќе градиме, таква ќе ја имаме“, порачува претседателот Ѓорге Иванов во неговото новогодишно обраќање.

„Ова е време на обновена решителност, оптимизам и надеж. Време на солидарност и милосрдност кон помалку среќните и кон изнемоштените. Но, и време на благодарност кон храбрите чувари на нашата безбедност, поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува“, се вели во пораката на Иванов.

„На прагот сме на новата година. Тоа е можност да се потсетиме на успесите што сме ги постигнале, предизвиците со кои сме се соочиле, но и да бидеме благодарни за нештата со кои сме дарувани - љубовта на нашите најблиски, топлината на нашите домови, мирот, безбедноста и сигурноста на нашата татковина Македонија“, вели Иванов.

Осврнувајќи се на годината што изминува, Иванов истакна дека „како држава славевме победи и се соочувавме со падови“.

„Бевме признавани, но и блокирани. Но, најважно од сe’, остануваме доследни на вистинските вредности и упорни во остварувањето на нашите праведни цели и стратегиски определби“, нагласи Иванов.

Тој им порачува на граѓаните да го вложуваат најдоброто во сe’ што прават, како родители и деца, соседи и пријатели, како учители и ученици, работодавачи и вработени, да бидат полни со љубов, жедни за знаење и посветени на успехот.

„Да останеме верни на вековната традиција на соживот, преку меѓусебно разбирање, прифаќање и почитување“, вели Иванов, посакувајќи им на сите граѓани на Република Македонија во татковината, но и надвор од неа, среќни и радосни новогодишни и божиќни празници.