1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов не го потпиша Законот за спогодбата со Грција

ЕМФ
26 јуни 2018

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на спогодбата со Грција и за тоа го извести Собранието.

https://p.dw.com/p/30Hnv
Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Во писмото што македонскиот претседател Ѓорге Иванов го испрати до Собранието, се вели дека одлуката за непотпишување на Указот за прогласување на Законот за ратификација на спогодбата со Грција, е донесена врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија.

Иванов тврди дека нема мандат да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, поради тоа што еден од столбовите на неговата политика во изборната програма од 2014 година бил дека не прифаќа „промена на Уставот со цел промена на уставното име“.

„Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот“, се вели во писмото на Иванов до Собранието. 

Повеќе:Собранието го ратификуваше договорот за името со Грција 

Во образложението на одлуката натаму стои дека спогодбата со Грција „излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, затоа што во нив се зборува за 'разлика околу името на државата', а не за 'разлики' како што зборува оваа спогодба“.

Македонскиот претседател оценува дека Спогодбата нема уставна основа и не е ратификувана во согласност со Уставот, односно законот за ратфиикација на спогодбата „не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија“.

Повеќе: Иванов не може да го спречи договорот со Грција

Иванов е на мислење дека Спогодбата ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност од друга држава, односно Грција и дека озаконувањето на Спогодбата „создава правни последици што се основа за кривично дело“: „Според член 308 од Кривичниот законик, 'Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години', се вели во образложението на одлуката на претседателот Иванов.