1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зубков уште не стана премиер, а веќе има аспирации и за претседател

14 септември 2007

Руската Дума денеска ќе гласа за предлогот на претседателот Путин, нов премиер да биде Виктор Зубков. Партијата Обединета Русија, која има двотретинско мнозинство во парламентот, веќе најави дека ќе го подржи предлогот

https://p.dw.com/p/Bfmq
Новиот „силен човек“ во Москва Виктор ЗубковФотографија: AP

При вчерашната посета на Думата Виктор Зубков настапи како веќе со години да има искуство на премиерската функција – самоуверен, сигурен, свесен за моќта. Зубков имаше средба со шефовите на парламентарните фракции. На новинарско прашање дали може да си замисли да конкурира и за претседателскта функција, на вчудовидување на сите тој одговори: “Доколку на премиерскта функција ќе можам да извршам некакво позитивно влијание, тогаш тоа е варијанта што веќе не можам да ја исклучам”.

Една таква изјава, се чини, е невозможна без подршка од претседателот Владимир Путин, и набљудувачите сметаат дека веќе не е нереално 65-годишниот финансиски експерт Зубков да биде претседателски кандидат за изборите во март наредната година.

Во меѓувреме Путин престојува на Волга во инспекција на училишта и болници. И пред неговиот реизбор во 2004-та, тој ја смени владата – ваквите потези имаат традиција. “Сметам на тоа дека сега сите повеќе ќе се концентрираат врз своите задачи, и државата и управата ќе можат да функционираат без проблеми како пред, исто така и по изборите’ – рече Путин.

Новиот човек – Зубков - во секој случај, има извонредни сознанија за финансиските махинации на министрите. Еден политиколог смета дека тој целосно ги држи в рака сегашната влада и луѓето во Кремљ и располага со соодветни досиеја. “Нема поголема фирма, поголемо претпријатие, ниедна банка, ниедна финансиска организација, чија дејност не му е позната на Виктор Зубков”, вели претседателот на Советот на федерацијата Сергеј Миронов.

Изборот на Зубков е сигурен, единствени кои денеска во Думата ќе гласаат против од Путин номинираниот кандидат за премиер се комунистите. Идниот премиер веќе најави промени во кадровскиот состав и во структурата на владата.

Херман Краузе