1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EU Russland

6 март 2011

Владимир Путин, како претседател, особено се залагаше за изградба на гасоводот „Северен тек“ преку Балтичкото Море. Сега Русија форсира уште еден проект - гасоводот „Јужен тек“ преку Црното Море.

https://p.dw.com/p/10OoO
Фотографија: AP/DW Fotomontage: Albrecht Schrader

Една четвртина од увезениот гас во ЕУ доаѓа од Русија. Брисел сака да избегне зголемување на увозот и со тоа зависност од рускиот државен концерн за гас „Гаспром“. Германскиот експерт за енергија Роланд Гец смета дека стравовите што се шират во ЕУ се претерани. Според него, двата партнери, значи ЕУ и Русија, се зависни еден од друг.

Поврзување на „Набуко“ и „Јужен тек“?

Брисел, меѓутоа, и натаму се залага за гасоводот „Набуко“. Преку него, ЕУ има намера да пренесува гас од каспискиот регион, пред се‘ од Азарбејџан, Туркменистан и можеби од Иран, со заобиколување на Русија. Клаудија Кемферт од германскиот Институт за економски истражувања е убедена дека ЕУ нема да му даде поддршка на рускиот гасовод „Јужен тек“. „Ја разбирам Русија која се обидува да најде поддршка за различни проекти, но мислам дека Европа повеќе ќе се држи до ’Набуко’, зашто понудувачите треба да се диверсифицираат“, објаснува таа.

South Stream Pipeline
„Јужен тек“ би бил дваипол пати поскап од „Набуко“Фотографија: wikipedia

Во ЕУ има и такви кои се залагаат за поврзување на двата проекта. Ваквата идеја, според Герхард Мангот од Универзитетот Инсбрук, е нереална: „Шест члена на конзорциумот ’Набуко’ ставија јасно до знаење дека ставот кон поврзувањето на двата проекта е негативен. ’Гаспром’ не сака, ’Набуко’ не сака и ако двете страни не сакаат мислам дека е нереално тука нешто да се промени во блиска иднина.“

„Јужен тек“ би бил дваипол пати поскап од „Набуко“

Кемферт дури смета дека е неверојатно двата проекта да се реализираат истовремено. Поради преголемата понуда на гас на светските пазари, цените се многу ниски. Освен тоа, во меѓувреме, на пазарот е понуден течен гас, кој е по пониска цена. „Се поставува прашањето - колку ќе бидат потребни гасоводи, покрај ’Северен тек’ и ’Набуко’ и другите гасоводи, дали навистина ни‘ е потребен уште ’Јужен тек’“, вели Кемферт.

Flash-Galerie NABUCCO Pipeline Südkorridor
Брисел и натаму се залага за „Набуко“Фотографија: NABUCCO

Во економската смисла и цел на нов гасовод се сомнева и Мангот, и тоа не само поради ниската цена на гасот, туку и поради високата цена на челикот. „Треба да се додаде дека цените на суровините кои се потребни за изградба на гасоводи во последните месеци значително се зголемија“, вели тој.

Сите нови гасоводи би биле значително поскапи отколку што сега се проценува. Тоа важи и за „Набуко“ и за „Јужен тек“. Но, Гец укажува дека трошоците за изградба на „Набуко“, околу осум милијарди евра, се дваипол пати помали од проценетото чинење на „Јужен тек“.

Автор: В.Јурин/В.Агаев/М.Остапчук/Е.Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска