1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Подолски му се налути на Балак?

2 април 2009

Германската фудбалска репрезентација направи уште еден чекор кон учеството на наредното светско првенство со победата над Велс во квалификациите со 2 спрема 0.

https://p.dw.com/p/HOyc
Фотографија: AP

Успехот на германските фудбалери на гости и неговото значење речиси паднаа во сенка на инцидентот меѓу капитенот Балак и напаѓачот Подолски за време на натпреварот.

„Најбитно е што освоивме три бода“ - со овие зборови претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Тео Цванцигер ги резимира сите синоќешни (01.04.2009) настани од стадионот во Кардиф и нивното продолжение во текот на ноќта.

На теренот не претерано убедливата германска селекција го постигна она, што се очекуваше од неа - втора победа во рок од само пет дена, по претходниот квалификационен успех против аутсајдерот Лихтенштајн.

„Во првото полувреме добро започнавме и ја имавме контролата врз играта. Во вториот дел рековме дека сакаме да притиснеме и брзо да постигнеме гол, што исто така ни‘ успеа. Потоа само ја доведовме играта до крај“, оцени тренерот Јоахим Лев.

Fußball Länderspiel Deutschland Wales
Со триумфот над Велс чекор поблиску до СПФотографија: AP

„Во краен ефект радосни сме поради шесте бодови, но на играчки план е можно подобрување“, оценува со доза на самокритика капитенот Михаел Балак.

Подолски го турна Балак

Тој и неговиот помлад соиграч Лукас Подолски се најдоа во центарот на вниманието во 67-та минута со меѓусебната препирка по некоја забелешка на Балак, при што Подолски и со рака го турна капитенот. Лам и Мертесакер ги раздвоија и ситуацијата се смири. Подоцна, во текот на ноќта, раководството на репрезентацијата ги соочи обајцата, и според зборовите на менаџерот на националниот тим Оливер Бирхоф, работата била решена за три минути - Подолски сфатил дека не смее така да реагира и оти капитенот има право да им укажува на соиграчите на теренот. Затоа ќе помине без казна или какви било други мерки. „Такви работи постојано се случуваат“, вели Подолски. Балак прокоментира дека кој има поинакво мислење од капитенот, тоа може да се расчисти само по натпреварот. И сојузниот тренер Јоахим Лев нагласи дека капитенот има право да дава тактички упатства, што другите мора да ги спроведуваат. Секој што играл фудбал, вели претседателот на сојузот, Тео Цванцигер, знае дека доаѓа до такви ситуации, но тоа играчите бргу го надминуваат и оти тука нема разлика меѓу репрезентацијата и најнискиот ранг на натпреварување. „Ова е прекрасна екипа и не би требало да се најдеме во погрешна светлина поради вакви ситуации“, нагласи Оливер Бирхоф. Занимливо е дека и тој, како и Јоахим Лев во изминатите двеипол години веќе имаа спорови со Балак.

Автор: ЗЈ/дв/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска