1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто многу закони паѓаат пред Уставниот суд?

Сашко Димески23 февруари 2009

Во Македонија, уставните судии укинале една третина од вкупно 152-та закони и одредби кои биле оспорени минатата година. Се критикува квалитетот на законите што се изготвуваат и гласаат.

https://p.dw.com/p/Gz4s
Уставниот суд во Македонија укина многу закониФотографија: Petar Stojanovski

Набрзина стокмени закони, најчесто од партиски или квазиексперти, со нестручни или препишани компаративни анализи, се само дел од забелешките на уставните судии и експертите во однос на законите коишто беа укинати. Според нив, за тоа се виновни партизираните институции кои ги подготвуваат законите. Државната администрацијата, која се менува преку ноќ, е недоволно стручна да изработи квалитетен закон, а тоа го прави брзо и без анализа – објаснува претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски. Тој добил впечаток дека владината служба ги препишува законите кои ни смата не ги разбира.

„Треба да се обезбедат вистински експерти и стручњаци, а не пак, грубо кажано, квази експерти или партиски експерти. Треба да се има и партиски експерти, но за партиски прашања“, објаснува судијата Ивановски. Тој не сака да коментира дали оштетените од владините поништени закони треба да бараат материјална отштета од државата.

„За тоа треба да мисли владата, бидејќи министерставата одговараат за таа работа. Не можеме очекуваме дека ќе нема интервенции од судот. Тогаш што би работеле? Очекуваме да има и лоши закони и одредби ама да се има усул во тоа“, вели претседателот на Уставниот суд.

Skopje,Ulica Makedonija
Граѓаните поднеле најмногу претставки до судотФотографија: DW

Граѓаните доставиле најмногу иницијативи до судот

Уставниот суд минатата година работел по 385 предмети, од кои 252 биле решени. Од 152 оспорени закони и законски одредби судот укинал дури 53 или една третина.

Најмногу иницијативи до Уставниот суд доставиле граѓаните, а меѓу нив доминираат спорни членови од закони, акти на локалната самоуправа и на Владата. Најоспоруван е правосудниот систем, финансиите, поточно даноците, надоместоците и други јавни давачки, работните односи и предмети од областа на градежништвото и урбанизмот.

Меѓу укинатите закони во јавноста најекспонирани беа оние што имаат и силна медиумска кампања, како воведувањето патриотски фискални каси, трансформацијата на Клиничкиот центар во Скопје, а во исто време поведена е и постапка за уставноста на во септември воведената веронаука во основните училишта.

Експертите согласни со судиите

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека оценката на претседателот на Уставниот суд е преблага во однос на реалноста во Македонија, посебно во делот на донесувањето на законите. „Парламентот како фабрика за законите не треба да нуди квантитет, туку пред се, квалитет“, вели Кекеновски. Според него во последната година за воопшто не се водела сметка за квалитетот на законите. За тоа има неколку причини, вели Кекеновски:

Parlamentsgebäude in Mazedonien
Парламентот минатата година експресно донесе повеќе закониФотографија: aptn

„Прво, во извршната власт на водечките места, нема компетентни кадри односно стручни лица кои можат да се носат со проблематиката на донесување закони. Затоа ни нудат нешто видено, нешто изживеано или препис или слободен превод на туѓите законодавства, без да се води сметка за македонските специфики. Второ, во парламентот седат луѓе кои само треба да креваат рака, а не ги читаат доволно добро законите, па и не ги разбираат, ниту, пак, нудат свои законски решенија. И трето, што во еден период, посебно минатото лето, се донесоа повеќе закони во скратена постапка, без да се слушне мислењето на стручната јавност,“ констатира Кекеновски.

Според него, поради ова законските решенија сами паѓаат во вода.

„Може да се избројат на прсти колку успешни закони има. Или се оспорени пред Уставниот суд или владата ја воочува грешката и ги дополнува и изменува. Но, тоа повторно го прави на еден избрзан и недоволно стручен начин кој не доликува на држава каде треба да се практикува владеење на правото,“ вели професорот.

Претседателот на Уставниот суд, оцени дека вакви слабости има со години, поради што од Владата и Собранието побара создадат експертски кадри кои во иднина ќе креираат поквалитетни закони.

Место прозваните, со единствена реакција се јави владечаката партија ВМРО –ДПМНЕ која преку соопштение истакна дека Уставниот суд поништува или укинува одредби од закони и цели закони само кога е оваа партија на власт.