1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто македонските работници не добиваат одмор?

25 јуни 2010

Не мал дел од работниците во Македонија не можат да заминат на заслужен годишен одмор. Работодавачите едноставно не ја почитуваат законската регулатива. Едни од најпогодените се текстилните работници.

https://p.dw.com/p/Nvu9
Одмор, колку далечно звучи тоа...Фотографија: picture-alliance/ ZB

Пред почетокот на летото работниците во Македонија се соочуваат со проблемот како да го добијат заслужениот годишен одмор и да го искористат во летниот термин кога најмногу им одговара. Според Законот за работни односи, работникот во Македонија има право на одмор од најмалку 20 работни дена. Со измените на Законот од минатата година, работодавецот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор и да го чува во документацијата за увид на трудовата инспекција. Лани, до Државниот инспекторат за труд биле поднесени 39 претставки од работници во врска со правото на користење годишен одмор. Ерзана Јакупи, портпарол на Министерството за труд и социјална политика, за Дојче Веле информира дека инспекторатот по извршените контроли, согласно законот, парично ги казнил прекршителите:

„Со извршените редовни контроли по поднесените преставки од работниците, Државниот инспекторат за труд донесол 92 решенија, согласно член 250 од Законот за работни односи за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци за користењето на годишниот одмор.“

Текстилците се печат по цело лето покрај машините

Во Регионалниот синдикат во Велес велат дека имаат сознанија дека има фирми, најмногу од текстилната индустрија, каде на работниците најчесто им се крши правото на годишен одмор. Така е главно поради ограничениот рок за испорака на конфекциските производи, но поради летните горештини, сепак и овие работници мора да имаат летен одмор, потенцира Себо Шакиров новиот вршител на должност претседател на Регионалниот синдикат на Велес. Тој вели дека македонскиот синдикат како првенствена заложба го има потпишувањето на Колективните договори на синдикатот со работодавците. Со овој документ ќе може да им се гарантираат поголеми права на македонските работници, меѓу кои и зголемување на деновите на годишен одмор.

Strickladen Maschenkunst Köln Flash-Galerie
Во текстилната индустрија е исклучително проблематичноФотографија: DW

„Сметам дека минимум 10-12 дена мора да им се дадат на работниците во лето, посебно со овие пеколни горештини.“

Најголем број од работничките од текстилните фирми и помали дуќанчиња се плашат да дадат изјава, макар и анонимна, иако неформално потврдуваат дека им се крши правото на годишен одмор.

Од друга страна има и работници кои велат дека го добиваат правото на годишен одмор во лето, макар и по 12 работни дена. Еден млад работник кој дневно работи минимум 10 часа во еден од вулканизрските сервиси, вели:

„Да, јас во лето добивам одмор по петнаесетина дена, што значи го имам правото на годишен одмор.“

Слободен еден ден, и тоа само ако се одработи потоа

Една самохрана мајка вели дека петнаесетина години работи по приватни фирми и дека од газдите со години и‘ е прекршено правото на годишен одмор. „Ни сум осигурана, ниту ништо. Јас треба да ги почитувам законските права, шест месеци да работам и тогаш имам право на одмор, а јас ни сум осигурана, ниту ништо. Никој не ти дава одмор ако побараш. Може да добиеш едвај еден ден, а потоа мораш да го надокнадиш.“

Баже Јовановски шеф на маркетите на трговската фирма „Ани 96‘‘ за Дојче Веле изјави дека нивната фирма секое лето им го почитува правото на годишен одмор на, моментално, 38-те вработени: „Нашите вработени имаат одмор од 20 дена, од кои првиот дел од одморот во лето го земаат со 10 дена, а вториот дел од одморот по денови, според потребите.“

Контролите од трудовата инспекција треба да бидат и поригорозни и поредовни, велат од Сојузот на Синдикатите на Македонија. Работникот, посебно оној зад машините, не само на хартија, туку и практично треба го добие своето законско право на годишен одмор.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска