Зошто Кина нема да испрати тенкови во Хонг Конг
17 август 2019Хонг Конг има огромно значење за Кина и особено за нејзината економија, и кинеската Комунистичка партија во моментов не сака да го ризикува тоа. Во изминативе децении Кина израсна во втора светска економска сила и во интегрален дел на глобалниот финансиски систем. Тој раст беше помогнат од Хонг Конг.
Поради заостанувањето во економските реформи во континенталниот дел, пристапот до развиениот модел на капитализам во Хонг Конг е од витално значење за Кина.
Дури и пред актуелните протести, односите меѓу Хонг Конг и Кина никогаш не биле на завидно ниво. Во Пекинг на Хонг Конг се гледа како на бесно дете, кое тешко се контролира.
Но, евентуалната воена интервенција на островот ќе ја загрози стабилноста на Кина далеку повеќе од маскираните демонстранти, а последиците ќе се почуствуваат и во континенталниот дел. Негативното расположение ќе ги избрка инвеститорите и ќе ја компромитира способноста на Кина да тргува на меѓународниот пазар.
Токму поради актуелниот трговски судир со САД, на кинеските компании им е наредено да станат помалку зависни од странски пари и технологија, што значи поголем фокус на Хонг Конг.
Кинеските директни инвестиции во Хонг Конг достигнуваат 556 милијарди евра- 70 проценти повеќе од севкупниот БДП на Хонг Конг. Речиси 60 отсто од инвестициите во странство, вклучително и проектот „Нов пат на свилата“, се вршат преку Хонг Конг. Веќе 25 години, Фондацијата Херитиџ го прогласува Хонг Конг за најслободна светска економија. За споредба, Кина се наоѓа на 100. место на листата.
Но, не само Кина, и на остатокот од светот му е потребен Хонг Конг.
На инвеститорите им се допаѓа договорот „Една земја, два системи“ кој го постигнаа Британија и Кина при предавањето на островот, и тој важи до 2047 година.
Централната банка и Комисијата за акции и хартии од вредност, имаат голем углед кај стрнаските инвеститори.
Токму затоа Хонг Конг е база на повеќе од 1.500 мултинационални компании кои го користат за полесен влез на кинескиот пазар- 60 отсто од странските инвестиции во земјата влегуваат преку Хонг Конг.
Над се, Хонг Конг им обезбедува сигурност на инвеститорите, вклучувајќи тука и некои високи функционери на Комунистичката партија кои не би сакале кризата да ја наруши економијата. Кинеското раководство има огромни инвестиции во Хонг Конг кои се доволни за армијата, засега, да остане во касарните.