1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е Македонија неатрактивна?

23 јуни 2010

Македонија стои најлошо во регионот во однос на странски директни инвестиции. Според Виенскиот економки институт, за годинава се прогнозираат одвај 200 милиони евра, сума која кај соседите стасува за само еден месец.

https://p.dw.com/p/O0Xf
Нема вложувања, нема париФотографија: Bilderbox

Со прогноза за 200 милиони евра странски инвестиции до крајот на 2010 година, Македонија е на дното според обемот на очекувани вложувања меѓу земјите од Југоисточна Европа кои ги анализира Виенскиот економски институт. Во најновиот извештај на оваа реномирана австриска институција се анализирани странските директни инвестиции во 2009 година, во 20 земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Апсолутен рекордер е Русија со прилив од над 27 милијарди евра странски инвестиции во текот на минатата година. Меѓу земјите од Југоисточна Европа, во Македонија влегле најмалку инвестиции - само 180 милиони евра во 2009. Помалку од вложените 360 милиони во Босна и Херцеговина, или 700 милиони евра во Албанија.

Artikelbild Karte Grafik Westbalkan BOS bosnisch Albanien, Bosnien und Herzegowina, Kosovo, Kroatien, Mazedonien, Montenegro, Serbien
Македонија е на дното според обемот на очекувани вложувања меѓу земјите од ЈИЕ

Непредвидлива бизнис-клима

Зошто странскиот капитал и натаму во широк лак ја заобиколува Македонија го праша Дојче Веле известувачот на Фајненшл тајмс од регионот, Неил Мекдоналд:

„Корупцијата е само дел од проблемот тоа е институционална слабост, но друга слабост е непредвидливата бизнис клима, малиот пазар. Само два милиона жители од кои поголемиот број немаат доволно пари. Очигледно е дека целиот регион е навистина неконкурентен во споредба со останатите атрактивни дестинации за инвестирање.“

Попусто субвенциите што ги нуди државата

За разлика од очекуваниот пад на приливот во некои земји, Виенскиот институт прогнозира мал пораст на инвестициите во Македонија во 2010. Официјалната статистика во последниот период оди во прилог на прогнозите на институт од Виена. Според податоците на НБРМ, обемот на странски инвестиции во Македонија во првите три месеци изнесува 50 милиони евра. Оваа сума е речиси идентична со вложените пари во првото тримесечје лани и е показател дека Македонија и натаму е еднакво неатрактивна за инвеститорите и покрај поволностите и субвенциите кои ги нуди државата.

Wirtschaftskompass
Дали економскиот компас конечно ќе ја покаже вистинската насока?Фотографија: picture-alliance/united-archives/mcphoto

Движењето на капиталот домашните економски аналитичари го толкуваат на следниов начин.

„Најголемиот дел од инвестициите се насочуваат во развиените земји. Инвеститорите не сакаат да ризикуваат, да избираат бизнис-клима во која што ќе ги учат политичарите како се работи, какви закони да донесуваат“, вели универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.

Македонија со години е меѓу најмалку атрактивните земји за инвестирање. Во последните 5 години во Македонија влегле помалку од 2 милијарди, сума која на пример во Хрватска или Србија била инвестирана за помалку од 12 месеци. Рекордна година, ако не се сметаат оние кога беа продавани големите компании како Телеком или Електростопанство, е 2007 година кога во Македонија се регистрирани 500 милиони евра.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска