1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190511 Investitionen D Ausland

28 мај 2011

Германските претпријатија во 2009 година во странство инвестираа речиси 900 милијарди евра. Но, само мал дел од тие пари отиде во ЈИЕ. На пазарите таму, во време на економска криза, многу им опадна атрактивноста.

https://p.dw.com/p/11MVH
Фотографија: Fotolia/Jakub Krechowicz

„Со тек на времето констатирав дека ова е прекрасна земја, која има да понуди многу нешта. За три часа може да се стигне до Средоземното или до Црното Mоре. Овде има прекрасни планини, а јас сум воодушевен скијач. Така, овде многу пријатно си го средив животот“.

Би можело да се помисли дека Габор Такач работи во некоја туристичка агенција и прави реклама за Бугарија. Но, тој е претприемач од Германија. Пред 10 години формира своја фирма во Софија - од Германија увезува софтвери во Бугарија, а и самиот составува програми.

„Тоа беа други денови, не како сега. Бугарија уште не беше член на ЕУ и поради тоа условите овде беа многу поволни. Нивото на платите беше многу ниско, а на пазарот на работна сила имаше многу добри стручњаци, а јас ја познавав земјата од порано. Поради тоа и се решив овде да основам претпријатие“.

Габор Такач од својата централа во Софија, освен бугарскиот, ги опслужува и пазарите во Турција, Грција и Романија. Таму, каде што тогаш предусловите за формирање претпријатие беа поедноставни, а надежите за успех беа поголеми, сега работите изгледаат сосем поинаку.

„Големиот бум засега помина, па и пазарот стана понеинтересен“.

Слаба оценка за ЈИЕ во студијата на Германската индустриска комора

Оценката на Такач ја споделуваат и други германски инвеститори. За време на кризата севкупно многу опадна интересирањето на странските инвеститори за Југоисточна Европа. Ова го покажува и една студија на Германската индустриска и трговска комора, која годишно го мери расположението кај претпријатијата од Средна и Југоисточна Европа. Во актуелната анкета земјите од регионот добиваат слаба оценка за 2010 година.

Логото на Германската индустриска и трговска комора
Логото на Германската индустриска и трговска комора

На пример, на општата економска ситуација во Србија се гледа уште покритички, отколку во претходната година. Оценките се движат од „слабо“ најмногу до „задоволително“. Само три проценти од анкетираните дадоа позитивна оценка. Сличен е резултатот и за Хрватска. Негативните оцени го објаснуваат и големото опаѓање на директните инвестиции за време на кризата: во Бугарија, на пример, германските директни инвестиции се за трипати помали, отколку во 2008, година на бумот.

„Кризата остави траги. Претпријатијата се скептични, што се однесува до нови инвестиции. Тие знаат дека макроекономското опкружување може многу да се промени условено од финансиската криза. Поради тоа претпријатијата општо се поколебливи во однос на влегување со нови инвестиции“, вели Андреас Брајнбауер, заменик-ректор на една високошколска установа од Виена. Мотото „Гоу ист“ важи и натаму, но со тоа веќе не се мисли на соседствот од Југоисточна Европа, туку на Кина и азискиот пазар како целина. За германските претприемачи остануваат атрактивни и старите земји-членки на Унијата. Тие региони нудат големи пазари за пласман на странски, меѓу нив и германски фирми. Токму спротивно на Југоисточна Европа, смета Јенс Бастијан, економист од Хеленската фондација за надворешна и европска политика од Атина.

„Севкупно не смее да се заборави дека регионот е мал, економскиот придонес минимален, а не е особено атрактивен ни според на бројот на жителите. Поради тоа, претпријатијата не мораат да се концентрираат врз земји како Црна Гора или Албанија, туку да се шират како мрежа“.

На наредната страница:

Има надеж

Но, не е само големината на пазарите во регионот таа која ги прави инвеститорите колебливи. Тој уште се бори и со остатоците од трансформацијата - неефикасна јавна управа, правен систем со недостатоци, лоша инфраструктура, недоволна транспарентност кај тендерите и малата куповна моќ се големи пречки, кои можат да го загорчат расположението на странските претпријатија за инвестирање.

Но, има и надеж: од регионот веќе се шират позитивни гласови. Кризата, се чини, полека се надминува, а тоа германските инвеститори како да го насетија, вели Карл Шик од Индустриската и трговска комора од градот Улм.

„Повторно имаме интересирање од германски фирми кои сакаат посилно да се ангажираат во Југоисточна Европа. Ова се однесува на пример, на лиферанти за автомобилската индустрија, а се’ повеќе и целокупната област на регенеративни енергии. Овде ќе има интересен развој во наредните години“.

Неефикасна јавна управа, правен систем со недостатоци, лоша инфраструктура, недоволна транспарентност кај тендерите и малата куповна моќ се големи пречки, кои можат да го загорчат расположението на странските претпријатија за инвестирање во ЈИЕ
Неефикасна јавна управа, правен систем со недостатоци, лоша инфраструктура, недоволна транспарентност кај тендерите и малата куповна моќ се големи пречки, кои можат да го загорчат расположението на странските претпријатија за инвестирање во ЈИЕФотографија: DW

Една третина од анкетираните претпријатија во Бугарија планира годинава повеќе да инвестира. Тоа создава добри изгледи за пазарот на работна сила, оти околу 40 проценти од претпријатијата планираат зголемување на бројот на вработените, произлегува од анкетата на бугарско-германската индустриска и трговска комора. И во Хрватска, според анкетата на тамошната комора, инвеститорите со оптимизам гледаат во иднината. Минатата година се удвои бројот на претпријатија кои сметаат со пораст на инвестициите во 2011 година и сега достигна околу 40 проценти.

Во земјите на Југоисточна Европа се крие уште потенцијал за пораст и инвестирање. Германските претпријатија имаат добри шанси во стопанисувањето со отпадни материи. Бугарија и Романија во наредните години треба да го достигнат европскиот стандард во областа на екологијата и тука се бара германското ноу-хау. Регионот и натаму е атрактивен како место за производство, оти производните трошоци и натаму се многу пониски, отколку во Германија. Неодамна фирмата Дункермотори од Шварцвалд отвори производен погон во Суботиица, во Србија. Готовите производи ќе бидат извезувани во Германија. Добри знаци за Југоисточна Европа.

Автор: Рајна Бројер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска