1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Значително зголемени платите на врвните германски менаџери

Моника Ломилер10 април 2007

Но, тие одвај да можат да држат чекор во меѓународна споредба

https://p.dw.com/p/AeIq
Јозеф Акерман, најдобро плaтен менаџер во Германија
Јозеф Акерман, најдобро плaтен менаџер во ГерманијаФотографија: AP

Членовите на Управните одбори на 30-те претпријатија нотирани на индексот на германската берза ДАКС, според пресметките на весникот “Ди велт”, минатата година просечно примиле по 2,7 милиони евра, што е за цели 15 проценти повеќе отколку во 2005-та. Претседателот на Управниот одбор на Дојче Банк Јозеф Акерман е најдобро платен менаџер во Германија – минатата година заработи 13,2 милиони евра, плус уште 380 илјади евра како придонес за неговото обезбедување за стари денови.

Акерман е осамен на врвот како убедливо најплатен меѓу менаџерите; вториот, шефот на софтверската фирма САП Хенинг Кегерман, со примања од околу девет милиони, заостанува повеќе од 4 милиони зад Акерман. Трет е Дитер Цече, челниот менаџер на автомобилскиот концерн ДајмлерКрајслер, со 7 милиони евра.

Но, лани не се покачени платите на сите врвни менаџери. Најголема загуба претрпеа членовите на Управниот одбор на концернот од областа на туризмот ТУИ, чии примања во просек беа намалени за преку 38 насто!

Огромните плати – погледнато од агол на обичните луѓе, се легитимни, сметаат Здруженијата на акционерите. Во меѓународна споредба тие се одвај некаде во средината. 13-те милиони на Акерман изгледаат скромно покрај бонусот од 40 милиони на неговиот колега Лојд Бленкфајн од американската банка Голдман-Сакс, или 36-те милиони на Стен О’Нил од банката Мерил-Линч. Во Европа шефот на швајцарската УБС-банка Марсел Оспел лани прими 28 милиони, а Валтер Килхолц од Креди-Суис 17,5 милиони евра.

Но, богатите во Германија стануваат се’ побогати, вели една студија на Германскиот институт за економски истражувања од Берлин - покрај другото, и врз основа на значително зголемените плати на менаџерите. Бруто-примањата на преостанатото население одвај да пораснаа. Трендот уште и се засилува од 2001-ва година наваму. Според берлинските истражувачи, десетте проценти од населението со највисоки примања го зголемија за седум проценти својот удел во севкупната маса на приходи во периодот од 1992-ра до 2001-ва година. Наспроти ова, просечните реални примања останаа севкупно константни.

Економската елита, во која спаѓаат 650 луѓе со највисоки приходи, според истата анализа, забележа реален пораст на примањата од 35 проценти. Секој од нив во просек во 2001-ва заработил 15 милиони евра. Има и една група супер-богати, чии примања скокнаа за 50 проценти и достигнаа просек од 50 милиони годишно. Тие приходи претежно се од претприемничка дејност и добивка од имот. Само пет проценти потекнуваат од плати. Занимливо е уште и дека во кругот на луѓе со многу високи примања во Германија има далеку повеќе претприемачи, отколку во САД или Франција.