Земјите од ЕУ ги повлекуваат амбасадорите од Белорусија
29 февруари 2012„Во знак на солидарност и единство се согласивме сите амбасадори на земјите-членки на ЕУ во Минск да бидат повикани на консултации во националните престолнини“, се наведува во соопштението на Ештон што го цитира РИА Новости.
Според шефицата на дипломатија на ЕУ, таа го повлекла во Брисел шефот на мисијата на ЕУ во Минск и ќе одржи итен состанок во белгискиот главен град со постојаните претставници на 27-те земји членки на Унијата.
„Ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата“, се додава во писмената изјава на Кетрин Ештон.
Портпаролот на министерството за надворешни работи на Белорусија, Андреј Савињих вчера изјави и дека Белорусија го повлече својот постојан претставник во Европската унија и амбасадор во Полска, како одговор на проширувањето на санкциите на ЕУ спрема Минск.
Покрај тоа, на шефот на белоруската мисија на ЕУ во Белорусија и на амбасадорот на Полска им било предложено „да отпатуваат во својот главен град, за на раководството да им ги пренесеат цврстите позиции на белоруската страна за неприфатливоста на притисоците и санкциите“, изјави Савињих. Не е јасно дали нивното протерување е привремено или конечно.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, изјави дека одлуката на Белорусија да се протера амбасадорот на Полска и шефот на претставништвото на Европската унија е „непријателски чин“.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле исто така го осуди потегот на Белорусија, што го оцени како „акт против Полска, против ЕУ но и против Германија“. Со Лукашенко Белорусија се‘ повеќе се оддалечува од демократијата и владеењето на правото, истакна Вестервеле.
Причината за политичката криза се санкциите кои ЕУ ги воведе против авторитарниот режим на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Земјите на ЕУ се согласија во понеделникот да се прошири „црната листа“ на претставници на Белорусија, кои се предмет на „рестриктивните мерки“.
Станува збор за фунционери на полицијата и судовите, кои се сметаат за одговорни за апсења и осудување на противниците на режимот. Санкциите вклучуваат замрзнување на нивните средства и забрана за влез во Унијата.
Автор: ЖА/СН/дпа/макфакс
Редактор: Симе Недевски