Згасна ѕвездата на Робин Гиб, пејачот на групата „Би Џиз“
21 мај 2012Робин Гиб, пејачот и композитор на прославената британска поп група „Би Џиз“, умре на 62-годишна возраст, по долга и тешка битка со ракот во стомакот.
Поради здравствени проблеми Гиб во последните три години откажа низа свои концерти низ Велика Британија и Европа. Тешката болест предизвика врз него да бидат извршени неколку хируршки интервенции.
Минатиот месец тој десетина денови беше во кома, откако настанаа компликации во неговото лекување.
Славниот пејач заболе од воспаление за белите дробови, но лекарите успеаја да го елиминираат воспалението, предзвикувајки во еден момент Гиб да изјави дека „најлошото помина“.
Робин Гиб и неговите браќа Морис и Бари во текот на својата долга, 40-годишна кариера, успеаја да продадат преку 200 милиони плочи и ЦД-а и да создадат десетина светски хитови.
Пресврст во нивната кариера е филмот „Треска на саботната вечер“ и музиката што ја компонираа и ја изведуваа во филмот.
Робин Гиб е роден на 22. декември 1949. година на островот Ман, во Ирско море, 35 минути пред својот брат близнак Морис. Во раните педесетти години на 20. век семејството се преселува во Англија, а од таму за Бризбејн, во Австралија. Првите хитови ги имаат направено во Сиднеј, во 1958. година, но откако виделе дека австралискиот пазар е недоволен за нивните амбиции, тројцата браќа во 1966. година се враќаат во Велика Британија.
Прв нивни голем успех е песната „Масачусетс“ во која водечки вокал е Робин Гиб.
Семејството преживува тежок удар по смртта на четвртиот брат Енди Гиб, кој се посвети на солистичката кариера и кој во 1988. година умре од срцев удар. Во 2003. година умре и Морис, братот-близнак на Робин Гиб.