1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Звукот на тишината: Уште една седмица за договор со Софија

15 јуни 2021

Напорите да се дојде до решение за отворените прашања, имаат на располагање уште една седмица. Заев ќе ја посети Софија, опозицијата инсистира на одговори - за што се преговара?

https://p.dw.com/p/3uvFc
Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Зоран Заев во БриселФотографија: Government North Macedonia

Што содржи предлог Патоказот за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија? Дали македонскиот премиер вчера добил нови сигнали од бугарскиот претседател? За што разговарале „од нога“ Радев и Макрон?

Македонската и бугарската јавност упорно се обидуваат да дешифрираат дали е на повидок исчекор што ќе води кон надминување на бугарското вето, но таков одговор засега не може да се најде во официјалните соопштенија, а домашните власти се обидуваат да не ги подигнуват очекувањата по ова прашање.

Во тој контекст, сосема очекувано, соопштенијата од вчерашната средба Заев-Радев остварена во завршницата на Самитот на НАТО во Брисел, имаат целосно усогласени формулации, а во интерес на процесот детали не се соопштуваат.

Во соопштението од прес-службата на бугарскиот претседател се наведува дека „била изразена заедничка волја за постигнување на одржливи и неповратни резултати во градањето на добрососедски односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, кое одговара на очекувањата на граѓаните и на двете држави“.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Детали од средбата во Брисел не се соопштуваатФотографија: Government North Macedonia

„Перспективата за постигнувањето на реален напредок во процесот на европска интеграција од  страна на Република Северна Македонија беше во фокусот на разговорот на Румен Радев и Зоран Заев. Бугарскиот претседател ја потенцираше неговата принципиелна и последователна поддршка за европската перспектива на Република Северна Македонија, како и очекувањето на Бугарија тој процес да биде олеснет од директен и активен политички диалог, низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во билатералните односи. Договорено беше во следните денови премиерот на Република Северна Македонија да ја посети Софија“, се вели во соопштението од прес-службата на бугарскиот претседател.

Радев минатиот месец порача дека „европскиот пат на Република Северна Македонија е преку Софија“, а деблокадата на бугарското вето во изминатиот период стана тема на многу дипломатски напори во ЕУ. На тоа во мај се осврна и Радев, откривајќи самиот дека „одеднаш станал многу интересен за сите европски лидери“.

Очекувањето на Блинкен

Но, партнерските сугестии не доаѓаат само од тлото на Европа. Радев пред четири дена оствари и телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на иницијатива на Блинкен. Покрај другите теми (доминантно за санкциите на САД против бугарски поединци и компании), двајцата разговарале и за европската интеграција на Република Северна Македонија.

„Се дискутираше и за европската перспектива на Албанија и Република Северна Македонија, бидејќи Ентони Блинкен изрази очекување за забрзување на процесот на европска интеграција за нашиот југозападен сосед. Заеднички став беше дека ова е во интерес на стабилноста и безбедноста не само во регионот, туку и во Европа", беше наведено во соопштението објавено по телесфонскиот разговор Блинкен-Радев.

Bulgarien Interims-Premierminister Stefan Yanev
Техничкиот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, за предизвиците со проширувањето на ЕУ разговарал со грчкиот амбасадор во СофијаФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Со оглед дека напорите да се дојде до решение имаат на располагање уште една седмица, неизвесно е дали повеќе одговори ќе се добијат на денешниот брифинг во бугарската техничка влада, на кој премиерот и дел од министрите ќе презентираат извештај за владините активности од преземањето на функцијата до денес. Техничкиот премиер Стефан Јанев за предизвиците со проширувањето на ЕУ вчера разговарал со грчкиот амбасадор во Софија, Димитрис Хронопулос.

„Внимание се посвети и на предизвиците со кои се соочува проширувањето на Европската унија во однос на земјите од Западен Балкан, конкретно на Република Северна Македонија. Премиерот Стефан Јанев истакна дека Бугарија секогаш покажувала искрена волја и напори за конструктивен и прагматичен дијалог со Република Северна Македонија и ќе продолжи во таа насока. Во врска со ова, амбасадорот на Грција изрази разбирање за бугарската позиција“, се вели во владиното соопштение.

Повеќе: 

Борисов: Замислете си дека сте Македонци и дека соседот ве блокира

Македонското прашање никогаш не умира

Утре отчет за разговорите

А каква е македонската позиција во разговорите - со денови прашува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која притисокот за добивање одговор го засили и со протестно блокирање раскрсници. Одговор утре очекуваат од министерот за надворешни работи Бујар Османи, на седница на собраниската Комисија за надворешни работи. По таа седница, од која очекуваат информација за што точно се преговара со Бугарија, ќе се знае дали и натаму ќе продолжат со протестите.

„Заев имал средба со Радев, но за нивната средба никој не доби точни информации и детали, туку само паушални изјави со кои ќе се замачка настанот и неговата суштина. Ако и двајцата избегнуваат да ги споделат деталите од договорот кој го подготвуваат, тоа значи дека и обајцата спремаат нешто што нема да му се допадне на македонскиот народ. Токму затоа не смееме да дозволиме да помине она што го планираат и спроведуваат, туку напротив - да се спротивставиме и да иницираме нов подобар договор, кој ќе ги штити македонските интереси", истакна во гостување на ТВ „Алфа“ потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.