1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Косово- фуснота, за Србија- ЕУ перспектива

24 февруари 2012

Делегациите на Белград и Приштина денеска во Брисел постигнаа договор околу клучното прашање за регионалното претставување на Косово и режимот на интегрирано гранично управување.

https://p.dw.com/p/149gA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на белградскиот преговарачки тим Борислав Стефановиќ соопшти дека е договорено до името на Косово да стои фуснота со формулација која не го прејудицира статусот на Косово и која е во склад со Резолуцијата 1244 на ОН и со мислењето на Меѓународниот суд на правдата за прогласената косовска независност.

Според постигнатото решение, на регионалните собири во иднина Косово ќе биде претставено со табла на која ќе пишува: Косово (со звезда), а во фуснота ќе биде наведено: „Овој натпис не го прејудицира статусот на Косово и е во склад со Резолуцијата 1244 и со мислењето на Меѓународниот суд на правдата за косовската декларација за независност“.

Барањето на приштинската делегација во фуснотата да се спомене и Декларацијата на независноста на Косово, не било прифатено, рече Стефановиќ.

Со исполнувањето на ова барање, Србија во голема мерка ги исполни условите за добивање кандидатски статус за членство во ЕУ, тврди Стефановиќ.

Заменикот косовски министер за надворешни работи Петрит Селими соопшти дека постигнатиот договор ќе му овозможи на Косово уште од утре да влезе во полноправно членство во 36 меѓународни организации.

Тадиќ: И Косово и ЕУ

Српскиот претседател Борис Тадиќ оцени дека договорот е потврда на неговата политика „И Косово и ЕУ“.

„Косово нема да биде претставено во работата на регионалните форуми и институции како независна држава, туку во согласност со Резолуцијата 1244 на ОН и во склад со одлуката на Меѓународниот суд на правдата“.

Косовскиот премиер Хашим Тачи оцени дека договорот е извонредно значаен и дека со него Косово добило „меѓународен државен субјективитет“.

„Косово се зачленува и се претставува со своето име во сите мултилатерални односи како рамноправна држава“, рече Тачи истакнувајќи дека формулацијата не е идеална, но е најприфатлива во овој момент.

Hashim Thaci Regierungschef Kosovo
Хашим Тачи изјави дека се работи за „привремена формула“Фотографија: picture alliance/dpa

„Тоа е привремена формула. Знам дека одлуката не е многу допадлива, но таа е за добробит на земјата“, изјави Тачи на вонредна прес-конференција.

ЕУ: голем чекор напред

Високата претставничка на ЕК за надворешна политика Кетрин Ештон и комесарот за проширување Штефан Филе го поздравија договорот како „голем чекор напред“.

„Овие договори претставуваат голем чекор напред и важни се не само за Србија и Косово, туку и за стабилноста на целиот регион и ЕУ“, се истакнува во нивното заедничко соопштение.

Кога станува збор за Србија, постигнатите договори се особено добредојдени имајќи ја предвид расправата закажана за следната недела во Брисел во врска со кандидатскиот статус на Белград, оценуваат еврокомесарите.

Високите претставници на ЕУ, истакнуваат дека и Косово од сега ќе има иста европерспектива како и другите во регионот.

Автор: БГ/бета/б92

Редактор: Александра Трајковска