1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За Анкара, Кипар е примарно прашање на безбедноста“

Панајотис Купаранис
23 јули 2019

Во спорот за турските дупчења за гас пред кипарскиот брег, ЕУ воведе санкции против Анкара. Експертот Гинтер Зојферт во интервју за ДВ објаснува зошто тие не играат голема уога за Турција.

https://p.dw.com/p/3MXvl
Zypern EU berät über Sanktionen gegen die Türkei
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Turkish Defence Ministry

Дојче веле: Господине Зојферт, едно принципиелно прашање - колку дупчењата за гас пред кипарскиот брег се спротивни на меѓународното право?

Гинтер Зојферт: Од 1994 година е на сила Меѓународниот договор за поморско право на ООН, т.н. Унклос, и со тоа има статус на етаблирани начела. Турција, за разлика од други земји со излез на источниот дел од Средоземно Море, не ја прифати конвенцијата. Грција, Кипар, Израел, Египет и делумно и Либан на база на Унклос пак неодамна потпишаа билатерални договори за разграничување на нивните ексклузивни економски зони. Со оглед на тоа дека Турција не е дел од поморската конвенција, ги става и билатералните договори на другите земји под прашање. Така Анкара ја минира основата за мирна поделба на правата за користење на источниот дел од Средоземно Море. Практично Турција со тоа провоцира антитурски фронт и изолација во регионот. Сега со воени закани и мерки кои се спротивни на меѓународното право се обидува да предизвика прекин на таквата изолација.

Дали турската влада уште пред да почне со дупчењата во водите пред Кипар размислувала за таквиот развој, дека ќе ги сврти против себе земјите со излез на источниот дел од Средоземно Море и дека ќе се изолира?

Мислам дека тоа е погрешна проценка. Позицијата на Турција всушност е непроменета. Отсекогаш сметала дека Република Кипар резервите на гас во водите пред Кипар треба да ги дели со Турците од Кипар. Според Анкара, тоа значи дека кипарските Турци треба да бидат вклучени уште во фазата на планирање на експлорацијата, на изградбата на системите и во подоцнежната продажба. Таквиот став на Анкара не е нов. Ново е тоа што Турција во регионот веќе нема сојузници кои политички би можеле да ѝ помогнат да дојде чекор поблиску до остварување на своите цели. Затоа сега запаѓа во милитантна реторика за да даде тежина на својата позиција.

Deutschland Türkei- und Islam-Experte Günter Seufert in Berlin
Гинтер Зојферт од берлинската „Фондација Наука и политика“ Фотографија: picture-alliance/dpa/SWP

Со бушењата за гас Турција не се изолира само во Средоземјето. ЕУ поита на помош на нивната членка Кипар и донесе одлука за воведување санкции против Анкара. Дали Турција се помирува со тоа дека перспективата за членство во ЕУ дефинитивно ќе се изгуби?

Изгледа дека на денешната турска влада тоа не ѝ е доволно важно. Доволно кажува она што го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред некоку дена. Рече дека и покрај фактот што неговата земја има економски договори со Европа и воен сојуз со САД, во негови очи главната закана за Турција произлегува од западните земји. Човек мора да си повтори за да му „легне”: за актуелната турска влада САД се примарниот безбедноснополитички предизвик. Тоа значи дека Турција денес се чувствува повеќе загрозена од САД, отколку од Русија. Тоа објаснува и зошто „санкциончињата“ на ЕУ и поголемата политичка дистанца која оди во пакет со нив, за турската влада има помало значење.

Моментално на Кипар следиме интересна претстава. Претседателот на Кипар, гркот Никос Анастасијадис, како и предводникот на кипарските Турци, Мустафа Акинчи, пројавуваат подготвеност да ги придвижат повторно разговорите за обединување. Анкара истовремено појаснува дека планира во севернокипарскиот град Фамагуста да гради база на воената морнарица. Досега се предвидуваше при евентуално обединување градот да им припадне на кипарските Грци. Како на сето ова да најдеме заеднички именител?

Градбата на база во Фамагуста е дел од милитаризацијата на турската надворешна политика во источното Средоземје. Анкара денес повторно зборува за присуството на турски војници на Кипар како предуслов за безбедноста на Турција. Тоа е соодветно на официјалната турска позиција пред преземањето на власта од страна на АКП во 2002 година, односно дека кипарското прашање примарно се разгледува од безбедносниот аспект за земјата. Причината што двата народни предводници на Кипар разговараат за преговори е сосема друга. Двајцата се обидуваат да стекнат, односно да го задржат меѓународниот легитимитет. Тоа може да функционира ако барем нанадвор се преправаат дека се заинтересирани за решавање на кипарското прашање. Мислам дека ниту една од страните нема интерес за тоа. Кипарските Грци во 2004 ја пропуштија шансата за тоа, кога го одбија планот на тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан. Турците пак, низ годините ги промашија шансите да прифатат некој од понудените компромиси.


Гинтер Зојферт од 2010 е задолжен за Турција и Кипар во берлинскиот тинк-тенк Фондација Наука и политика. Претходно повеќе години има живеено во двете земји, каде што предавал. Во книги и поголем број студии Зојферт повеќепати заземал ставови за случувањата во Кипар и Турција.