1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заштитата на личните податоци е уставно право

5 мај 2009

Како и колку се заштитени личните податоци на граѓаните на Македонија? Властите велат дека Македонија е лидер во регионот во таа област.

https://p.dw.com/p/Hjsg
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Последниот хакерски напад на интернет страницата на претседателот на Република Македонија ја покажува ранливоста на институциите во земјата, кога станува збор за заштитата на податоците. Деновиве посетителите што сакаа да влезат на www.president.gov.mk наместо податоци за активноста на шефот на државата, добиваа сосема друга страница со знакот на албанско-косовска група на хакери. Хакерите не предизвикале штета, туку ја искористиле слабоста на серверот за да се промовираат себеси во јавноста.

Влатко Желчевски е компјутерски администратор во една голема компанија во Македонија. Тој објаснува дека хакерски напади се случуваат секојдневно. Oпасноста е во тоа што со овие упади може да се влезе во системите и да се порбијат важни податоци и информации.

Манипулациите преку интернет не се единствени форми на злоупотреба на личните податоци

Заштитата на личните податоци е уставно загарантирано право, но луѓето во Македонија малку знаат за него. Со уставот од 1991 година личните податоци се заштитени од разни злоупотреби, но граѓаните недоволно ја познаваат оваа материја. Во 2005 година е основана Дирекција за заштитата на личните податоци, која определува дали постои злоупотреба и има мандат да ги казнува сторителите. За најтешко прекршување се смета злоупотребата на матичниот број, за што во Македонија се предвидени казни од 500 до 4.000 евра.

Symbolbild Datenschutz
Заштита на лични податоциФотографија: Bilderbox

Директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ, вели дека на полето на заштитата на личните податоци Македонија е лидер во регионот. Подигнувањето на јавната свест и информирањето на граѓаните за правото на заштита на личните податоци и приватноста е клучен императив во работењето на Дирекцијата.

Македонските граѓани во 2008 најмногу се жалеле на крадење на идентитет, објавување на лични податоци на интернет без нивна согласност, откривање на личните податоци на трети лица без законски основ и без нивна согласност, неовластено користење на единствениот матичен број од страна на правни лица и неовластено користење на личните податоци за вршење на директен маркетинг.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска