1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворени Параолимписките игри во Лондон

БГ/миа10 септември 2012

По единаесет натпреварувачки денови синоќа во Лондон беа затворени 14. Параолимписки игри. На борилиштата во главниот британски град учествуваа спортисти од 165 нации.

https://p.dw.com/p/165rG
Фотографија: picture alliance/empics

Во шоуто, наречено „Фестивал на огнот“ и посветено на старите британски традиции и фестивали, учествуваа 1.200 учеснци, а музичкиот дел го предводеа британската група „Колдплеј“, пејачката Ријана и раперот Џеј-Зи.

Претседателот на меѓународниот Параолимписки комитет Филип Кравен, прогласувајќи ги Игрите за затворени, изјави дека лондонската Параолимпијада е најголемата во досегашната историја.

На првите игри на инвалидизираните спортисти, што се оддржаа во Рим, во 1960 година, учествуваа 27 земји, додека на Игрите во Лондон се натпреваруваа 4.200 параолимпијци од 165 земји од сите континенти. Тие се бореа за златните медали во 21 спортови, при што за најуспешна нација на крајот се избори Кина, со 231 медали, од кои 95 златни, пред Русија и тимот на домаќинот на Игрите, Велика Британија. Германската репрезентација освои вкупно 66 медали од кои 18 златни.

Игрите во Лондон ќе останат запаметени и по далеку најголемиот број гледачи што присуствувале, со продадени вкупно 2,5 милиони влезници, што е повеќе од двојно, во споредба со Игрите пред четири години и трипати повеке од Параолимпијадата во Атина, во 2004 година, кога беа понудени за продавање само 850.000 влезници.

На Параолимписките игри во Лондон учествуваше и Република Македонија, со двајца свои стрелци, учесници на неколку претходни вакви Игри, кои го забележа својот најголем успех, по Игрите во Барселона, пред 20 години. На оваа Параолимпијада, македонската стрелачка Оливера Наковска Бикова стана параолимписки шампион, освојувајќи златен медал во стрелање со воздушен пиштол од 10 метри, постигнувајки притоа и светски и параолимписки рекорд во квалификациските натпревари.