1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилена евакуација на странски државјани од Либан

20 јули 2006

По 20 години, американски војници-специјалци повторно во Либан

https://p.dw.com/p/Adzg
Долги колони за евакуација
Долги колони за евакуацијаФотографија: AP

Во Либан продолжува акцијата за евакуирање на странските државјани. На аеродромот во Диселдорф слета авион „ербас“ кој од Дамаск донесе Германци од Либан - вкупно 361-но лице, меѓу нив 171-но дете. Уште три „ербаси“ на Бундесверот денеска ќе префрлат вкупно 500 германски државјани преку Сирија и Турција. 2300 Германци со автобуси вчера се упатија кон сирискиот главен град Дамаск и кон турскиот град Адана.

Министерството за надворешни работи вети дека секому, кој сака да отпатува, ќе му го овозможи тоа. „Амбасадата обезбеди големи капацитети – 50 до 60 автобуси“ рече портпаролот на министерството Мартин Јегер. Во Дамаск чекаа три авиони изнајмени од сојузната влада, а во турскиот град Адана еден авион на Бундесверот. Луѓето, и покрај нервната напнатост, се однесувале кооперативно, нагласи Јегер. Зголемен е бројот на персоналот во амбасадите во Дамаск, Анкара и Тел Авив, за да може бргу да им се помогне на сите Германци кои сакаа да го напуштат Либан. За денеска и германската авиокомпанија „Лутханза“ става на располагање авион со 280 седишта за потребите на евакуацијата на Германците.

На 160 километри оддалечената островска држава Кипар пристигнаа околу 20 бродови со бегалци. Кипар побара поголема помош од ЕУ за да може да излезе на крај со навалата од луѓе. Вчера таму пристигна и група од околу илјада Американци. За прв пат по 20 години повторно американски војници се во акција во Либан: за да можат да бидат евакуирани до 25 илјади американски граѓани, изутрината таму слетаа специјални единици на американската војска.

Изутрината се евакуирани и 500 француски државјани, кои во пристанишниот град Тир на југот на Либан беа качени на кипарски брод, под обезбедување од француски војници од составот на трупите на ОН УНИФИЛ. Франција започна и со испорака на хуманитарна помош што ја најави претседателот Жак Ширак, кој го замоли Израел да воспостави „хуманитарни коридори за да можат странците да отпатуваат“ од Либан. Кон Кипар полета авион натоварен со 40 агрегати за струја, медицински уреди, лекови, постројка за пречистување на вода, како и прехранбени продукти. Во авинот се наоѓаат и лекари, како и соработници на Црвениот крст.

Данска веќе извлече од Либан преку Дамаск повеќе од 4 илјади нејзини државјани, со грчки брод на Кипар пристигнаа 500 граѓани на Грција, Франција, на скандинавските земји и неколкумина Британци. Со ферибот изнајмен од владата, 188 Швеѓани пристигнаа во турското пристаниште Мерсин. Бродот веднаш се врати за преземе втора група Швеѓани. Британски воен брод пренесе 175 луѓе, од кои 156 Британци. Канада се подготвува за евакуација на 30 илјади бегалци, а со спасување свои граѓани започнаа и Русија и Индија.

Комисијата на ЕУ додели итна помош од 10 милиони евра за снабдување на населението во Либан. Според претседателот на Комисијата Жозе Мануел Барозо, Унијата сакала да ја покаже својата „солидарност со цивилите, кои страдаат од тој страшен конфликт“.

Хуманитарната ситуација станува катастрофална. Во бекство се околу половина милион луѓе. ОН бараат безбедни коридори преку кои бегалците ќе можат да ја напуштат земјата. Југот на Либан во голема мера е отсечен од светот. Во Бејрут и неговата околина до 40 илјади луѓе побараа засолниште во училишта и паркови.