1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заседание на европските министри за надворешни работи

Бернд Ригерт12 јуни 2006

Во Луксембург денеска почнува дводневната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, на чија агенда е почетокот на формалните преговори за приклучување со Турција и Хрватска, како и потпишување на Договор за стабилизација и асоцијација со Албанија. Освен тоа, ќе се зборува и за мисијата на ЕУ во Конго и за финансиската помош за Палестинците.

https://p.dw.com/p/Ac5u
Германскиот и турскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер и Абдула Ѓул
Германскиот и турскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер и Абдула ЃулФотографија: AP

И покрај дилемите кај некои земји членки на унијата, министрите за надворешни работи на ЕУ на средбата со турскиот колега, Абдула Ѓул, и формално ќе ги почнат преговорите со Турција за приклучување. ЕУ почнува со наједоноставното од 35-те поглавја за приклучување – истражување и наука. Во ова поглавје, сеуште нерешеното кипарско прашање не игра никаква улога. До есен, кога треба да се отвори наредното преговарачко поглавје, проблемот со Кипар треба да биде решен, или во спротивно може да се случи судир на турскиот и европскиот воз, велат евро-дипломатите.

Еврокомесарот за проширување, Оли Рен, пред средбата во Луксембург критикуваше дека реформската амбиција на Турција попуштила и дека во слободата на печатот и правата на малцинствата сеуште има големи дупки. Турскиот министер, Ѓул, денеска треба да презентира нов реформски пакет кој би требало да ги ублажи ваквите критики.

Во Луксембург треба формално да почнат и преговорите со Хрватска за приклучување. Во Брисел се вели дека проблемите со Загреб се помали од оние со Анкара. Тоа би можело да значи дека преговорите со Хрватска ќе се одвиваат побрзо отколку оние со Турција.

На маргините на средбата денеска треба да биде потпишан и Договорот за стабилизација и асоцијација со Албанија. Преговорите со Србија остануваат и натаму замрзнати, затоа што Белград, според претставниците на унијата не соработува доволно со судот во Хаг.

Шефовите на дипломатии на ЕУ денеска треба да дадат зелено светло и за стационирање на првите војници на ЕУ во Конго. Со формалниот заклучок и официјално почнува мисијата која има за цел обезбедување на изборите во таа земја, кои треба да се одржат на 30 јули годинава. Што се однесува до финансиската помош за Палестинците, министрите за надворешни работи сеуште не можат да постигнат согласност за тоа како во иднина европските пари да стигнат директно до населението и да ја заобиколат владата на Хамас.