1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот треба да има трпение со Балканот

4 јуни 2010

Од гледна точка на западните земји, балканскиот регион е тукуречи синоним за корупција, злоупотреба на моќта и за популизам. Ваквите појави имаат корен во историјата на регионот, смета проф. Волфганг Хепкен. Но...

https://p.dw.com/p/Ni25
Професорот Волфганг Хепкен

Скепсата и недовербата на граѓаните кон државните институции се провлекува низ целата понова историја на Балканот. Но, тоа е поврзано со историските искуства на народите од овој регион, кои влечат корени уште од владеењето на Турците-османлии. Тие продолжуваат да се провлекуваат и во ерата на комунизмот по Втората светска војна, како и во најновиот период на транзиција, посочува балканологот Волфганг Хепкен од Лајпциг. Тој нагласува дека по паѓањето на комунистичкиот систем новите земји наследнички на поранешна Југославија спроведоа голем број реформи по терк на западниот демократски систем, но тие реформи не ги дадоа очекуваните резултати во практиката. Тоа дополнително ја разниша довербата на граѓаните во институциите на системот.

Blick auf Sarajevo, Hauptstadt von Bosnien-Herzegowina
Дел од центарот на СараевоФотографија: picture alliance/dpa

„Најбанален пример е Бугарија. Одушевувањето на Бугарите за членство во ЕУ брзо спласна откако сфатија дека ќе мораат да плаќаат данок на ракијата од домашно производство. Така, институционалните промени и менталитетот на луѓето се во расчекор, но тоа не е така само на Балканот. Историјата насекаде покажува дека менталитетот се менува побавно од институциите“, појаснува експертот Волфганг Хепкен.

Невладините организации се лек за се’?

Посебно интересен феномен за професорот Хепкен е тоа што и бројните невладини организации, што никнаа по политичкиот пресврт во балканските земји, не ја зголемија довербата на граѓаните. Оваа форма на демократија по американски терк им се прилагоди на специфичните услови на Балканот и денес граѓаните ги сметаат невладините организации како места за поврзување на одредени елити или како машини за богатење на потесни кругови.

Kulturwüste Belgrad
Центарот на БелградФотографија: DPA

„Политичките, институционалните и социјалните промени се долгорочен процес. Западот, притоа, треба да има трепение и да не ги критикува постојано земјите од Балканот. Државата и нејзините институции во овие земји треба допрва да ја повратат одамна загубената доверба на граѓаните. А тоа е процес што не може да се ограничи на 10 или 15 години“, нагласува професорот Хепкен.

Политичка апатија

Тој согледува дека политичката апатија и бегството на граѓаните од организираните облици, како што се на пример синдикатите, не се типични само за балканските земји. Овој тренд е се’ поприсутен и во централноевропските земји, како што е и Германија. Со тоа што, овде причините за таа апатија се поинакви, оценува професорот Хепкен.

„Луѓето на Балканот се многу повеќе соочени со непосредни, егзистенцијални проблеми во споредба со граѓаните од западноевропските земји. Таа борба за секојдевно преживување едноставно не им остава многу простор за политички ангажман. А кога ќе ги споредите процентите на излезност на избори на граѓаните од двата региона, тогаш Балканот и не заостанува многу зад нас“, посочува професорот Волфганг Хепкен од Универзитетот во Лајпциг.

Автор: Селма Филиповиќ / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска