1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот подготвува интервенција против Либија

19 март 2011

Светските лидери денеска (19.03) во Париз ги разгледуваат опциите за воена интервенција во Либија. Тврдењата на либиските власти дека владее примирје се покажуваат како неосновани - околу Бенгази се` уште има напади.

https://p.dw.com/p/10cWN
Околу Бенгази и натаму силни експлозииФотографија: AP

Лидерите од ЕУ, ОН, Африканската унија и Арапската лига денеска во Париз одржуваат кризна средба, на која разговараат околу имплементирањето на одлуката на ОН за воведување зона на забранети летови над Либија. Меѓу учесниците на средбата се и американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон.

Итната средба е закажана по информациите дека трупите на либискиот диктатор Моамер Гадафи утрово продолжиле да бомбардираат цели во градот Бенгази, а забележани се и неколку воени авиони, и покрај забраната за летови. Либиската влада сепак демантира дека ги напаѓа бунтовниците во Бенгази, додавајќи дека тие само сакаат да испровоцираат воена интервенција од Западот.

Францускиот амбасадор во ОН, Жерар Арауд, синоќа истакна оти очекува воена интервенција против Либија само неколку часа по завршувањето на состанокот во Париз.

Обама: Гадафи ќе се соочи со последиците

Krieg in Libyen
Во очекување на одлуката од ПаризФотографија: AP

И американскиот претседател Барак Обама, во вчерашниот говор во Вашингтон, го предупреди либискиот диктатор да се придржува до барањата поставени од ОН, бидејќи во спротивно ќе мора да се соочи со последиците, меѓу кои и воена интервенција.

„Сите напади врз цивилите мора да престанат“, рече Обама. „Во спротивно, ги имаме сите причини да веруваме дека Гадафи ќе продолжи да го убива сопствениот народ. Илјадници можат да умрат и може да настане хуманитарна криза“, предупреди Обама.

Американскиот претседател уште еднаш нагласи дека САД нема да испратат копнени трупи во Либија, меѓутоа не остави простор за сомневање дека Вашингтон ќе ја спроведе резолуцијата на ОН.

„Условите не се предмет на дискусија“, рече Обама. „Ако Гадафи не се придржува до резолуцијата на ОН, меѓународната заедница ќе го казни за тоа. Резолуцијата ќе биде спроведена во форма на воена акција.“

Германија исто така јасно стави до знаење дека нема да испраќа трупи во Либија. При гласањето во Советот за безбедност на ОН, Германија беше воздржана. Сепак, за Берлин останува отворена опцијата да испрати повеќе војници во Авганистан, за дел од трупите на НАТО, стационирани на Хиндукуш, да можат да бидат префрлени во Либија.

Автор: ТТ/АТ/ројтерс, афп, дпа

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема