1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Залудни напори на Кофи Анан – Иран не попушта

Улрих Пик3 септември 2006

Генералниот секретар на ОН се обиде во Техеран да го убеди иранското раководство да попушти во атомскиот спор. Анан доби поддршка за резолуцијата за Либан

https://p.dw.com/p/Ac3a
Ахмадинеџад и Анан
Ахмадинеџад и АнанФотографија: AP

Ништо ново од иранскиот главен град, извести генералниот секретар на ОН Кофи Анан по разговорот со иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад. „Во поглед на нукеларното прашање, претседателот ми потврди дека Иран е подготвен и решен да преговара за да се најде излез од кризата. Но, тој одби запирање на спорното облагородување на ураниум како предуслов за разговори“.

Така, уште еднаш стана јасно дека Иран нема намера да се откаже од своето право на мирољубиво користење нуклеарна техника, утврдено со Договорот за неширење на атомското оружје. Бидејќи и мнозинството од групата на пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија засега се’ уште не се спротивстави на тоа иранско барање, веројатно не се скинати сите преговарачки конци и разговорите можеби ќе бидат обновени веќе наредната недела, и покрај неиспочитуваниот ултиматум од резолуцијата 1696. Најверојатно веќе во вторник ќе се состанат преговарачите на ЕУ и на Иран, Солана и Лариџани. Не е познато каде, но веројатно ќе биде некоја европска престолнина.

Анан во Техеран водеше разговори и за блискоисточниот конфликт и примирјето во Либан. „Претседателот во денешниов разговор ми вети поддршка од неговата земја во спроведувањето на резолуцијата 1701 во јужен Либан“.

Тоа уште вчера на Анан му го нагласи и иранскиот министер за надворешни работи Манушер Мотаки. Соговорниците биле согласни дека мора да биде сторено се’, за да се зачува територијалниот интегритет на Либан. Остана отворено во која мера Техеран одобрува разоружување на Хезболах, финансиски и идеолошки поддржуван од иранските имами.

Анан вчера се состана и со некогашниот ирански претседател Али Акбар Хашеми Рафсанџани и со главниот преговарач Али Лариџани, при што повеќе станало збор за актуелната ситуација на Блискиот и Среден исток, отколку за атомскиот конфликт.

Прерано е да се каже дали посетата на генералниот секретар Кофи Анан донесе некаков напредок, дотолку повеќе што тој самииот постојано нагласува дека специјално во атомскиот покер со Иран е потребен долг здив и преговори, а санкциите се погрешен пат.