1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за јазиците-тема на расправа

24 декември 2007

Политичките лидери на четирите најголеми парламентарни партии во македонскиот парламент денеска треба да се договараат околу приоритетите во евроинтеграциите,една од темите ќе биде Законот за јазиците

https://p.dw.com/p/Cfla
Јазикот,мост на спојување или камен на сопнување,лидерска средба во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Македонија е исправена пред уште една сериозна обврска, која е вистински „жежок костен“ во рацете на најголемите партии од позицијата и опозицијата: до февруари 2008 година во Парламентот треба да се достават барем половина од нацрт - законот за јазиците – сугерираат меѓународните претставници во земјата. ВМРО ДПМНЕ и СДСМ сметаат дека законот треба да е одраз на постојните закони, кои ја третираат употребата на јазиците на заедницата, што е застапена со најмалку 20 отсто. Одделно, според ВМРО ДПМНЕ, поширока употреба на албанскиот јазик на централно ниво претставува водењето на собраниските комисии и на овој јазик. ДУИ и ДПА бараат албанскиот да биде втор службен јазик во Македонија и негова употреба во Собранието, Владата, во полицијата и Армијата.

Што велат во врска со оваа проблематика јазичните експерти?

Веби Беџети, шеф на катедрата за албански јазик на Штуловиот универзитет во Тетово: - „ Сите се предусловите за да биде официјален државен јазик и албанскиот, како и македонскиот. Албанскиот јазик треба да се официјализира во сите сегменти на животот, меѓутоа, кога се употребува во државата, тоа значи дека тоа важи за цела Македонија “.

Предупредувања за можна јазична федерализација на земјата

Људмил Спасов, професор на катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје: - „Едно е службен, или официјален јазик во целата македонска држава, а второ е јазик во службена употреба. Службен јазик во македонската држава е, според уставот, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, додека албанскиот и другите јазици можат да бидат јазици во службена употреба, под услови определени со закон. Ако овие два закона бидат рамноправно прогласени како службени, официјални јазици на територијата на целата држава, секако дека ја отвора опасноста, која постои, за јазична федерализација и натаму не знам каква се не федерализација “.

Муџаит Асимов, пензиониран професор на катедрата за турски јазик на истиот факултет во Скопје, поставува принципиелно прашање: „Колку е практично, или не, за државата востановувањето втор службен јазик?“ – „Ми се чини дека се обременува државата, а ние не сме толку богата држава, да бидеме обременети со такви работи “. Доктор Асимов резимира – „Малцинските заедници во Македонија веќе имаат рамноправност на своите јазици“ – „Ако имам основно училиште, ако имам гимназија, ако имам театар, ако имам слобода на изразување - рамноправноста на јазиците, е, всушност, во сферата на образованието, во сферата на културата, во сферата на печатот“.

Да не се дозволи создавање јазични и етнички гета

Доктор Зеќир Кадриу од катедрата за албански јазик на Штуловиот универзитет е воздржан во формулирањето на своите ставови: - „На ниво на државата, дури, според мое ислење нема потреба да биде тоа. Според моето убедување, јас сум да се официјализира каде што треба. Не сум за тоа да се наметне каде што нема потреба. Јас сум за тоа да бидеме практичари во сите сегменти на животот, за да можеме да комуницираме едни со други“.

Јазичните експерти, кои ги консултираше Дојче Веле, во една точка, главно, имаат сличност на своите ставови: употребата и заемното познавање на јазиците меѓу различните етникуми во Македонија треба да бидат спонтан одраз на мултикултурната и јазична толеранција и своевиден придонес кон градењето на унитарноста на државата, а не јазичното прашање да се претвора во фактор на дезинтегрирање на општествената заедница во јазични и етнички гета.