Заканата на киднаперите на двајцата Германци - потврдена
14 февруари 2006Речиси две недели по поставувањето политички услови до германската влада од страна на грабнувачите на двајцата германски инженери во Ирак и нивната закана дека доколку барањата не бидат исполнети тие ќе ги убијат заложниците, вчеравечер заканата е повторена. Видео снимката на која двајцата заложници клечат, а зад нив стојат четворица маскирани мажи, овојпат е емитувана од страна на телевизијата Ал Арабија, додека претходните две снимки ги емитуваше Ал Џазира.
Во своето најново видео, киднаперите говорат за последна шанса за германската влада да ги исполни бараните услови.
Рок за исполнување на условите не е даден. Барањата содржат и прекин на политичките односи со владата во Багдад и повлекување на сите германски фирми од Ирак. Исполнувањето на вакви услови, германската влада досега одби неколкупати. Министерот за надворешни работи, фдранк Валтер Штајнамјер, рече:
“Ова е уште едно шокантно сведоштво за човековото понижување. Ескпертите сега ќе ја проценат видео снимката, а јас можам само да дадам уверување дека ќе ги продолжиме нашите напори за двајцата заложници што побргу да ги донесеме на сигурно. Го правиме она што можеме.“
Рене Бројнлих и Томас Ничке беа грабнати на 24 јануари. Двајцата инженери од Лајпциг биле во Ирак за да инсталираат индустриска постројка.