1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничка платформа на партиите на Албанците

СН/ агенции
7 јануари 2017

ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците објавија заедничка платформа, која треба биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада.

https://p.dw.com/p/2VSf9
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Непосредно пред почетокот на „жешката фаза“ во процесот на составување нов влада во Македонија три од четирите албанските партии застапени во новоизбраниот парламент во јавноста презентираа заеднички платформа, со цели кои ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, сметаат дека треба да бидат приоритетни во работата на идната влада.

Платформата како што е соопштено ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада. Во неа меѓу другото се бара албанскиот јазик да добие статус на официјален јазик на целата територија на земјата, економска рамноправност,  решавање со учество на албанските партии на спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО, но и непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, и редица други барања, меѓу кои и резолуција за осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.

Оваа заедничка декларација доаѓа десетина дена по средбите во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, и два дена по средбата во Приштина, на покана од косовскиот претседател Хашим Тачи. По овие две средби беше најавено дека челниците на ДУИ, Али Ахмети, на Преродба со БЕСА Биљал Касани и на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ќе излезат со заедничка платформа која ќе биде став за преговорите со големите политички блокови на Македонците, за формирање коалициска влада.

Во изјавата трите партии нагласуваат дека тргнуваат од слободната и демократска волја на албанските гласачи изразена на предвремените парламентарни избори на 11. декември, дека се посветени на просперитет и долгорочна стабилност на Македонија и определени, без aлтернатива, за интеграција во НАТО и во ЕУ.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Покрај тоа најавено е дека исполнувањето на целите декларирани во платформата ќе се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии. Тркалезната маса на албанските парламентарни партии ќе се одвива во согласност со принципот на ротација и ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија, особено барајќи ја поддршката на Европската Унија и меѓународните институции. Тркалезната маса ќе ги определи роковите за спроведување на горенаведените цели, во согласност со законите и Уставот на Република Македонија, се цели во изјавата на ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците.

Во писмената изјава пак движењето БЕСА наведе и дека оваа декларација „која е составена од страна на албанскиот фактор, и е поддржана од страна на албанските партии во Македонија, за која ниту една посебна албанска партија нема посебна заслуга, туку сите се подеднакво заслужни, ја изразува заедничката волја дека било која партија која денеска и во иднина може да биде дел од власта, да се залага дека со било која владина програма со било кој македонски партнер овие точки да бидат главен приоритет врз основа на кои ќе се подржи одредена владина програма“.