1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Заврши криењето и бегањето на Мијалков

ДТЗ
23 февруари 2021

Институциите не го најдоа, но затоа нападнаа по неговите блиски и имот. Потоа тој самиот се пријави во Обвинителството, вели премиерот.

https://p.dw.com/p/3plbB
Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Заврши криењето и бегањето на Сашо Мијалков. Тој немаше друг избор и го направи она што беше неопходно - да се пријави во Обвинителството за организиран криминал“, порача премиерот Зоран Заев, кој вечерва оцени дека по 40 часа успешно завршила потрагата по бегалецот. Тој вели дека „за овој значаен успех придонес дале надлежните институции, обвинителството и судот“. Сепак укажува дека и покрај тоа што Мијалков дошол во обвинителството, судот не треба да го смета тоа за олеснителна околност. „Не треба да се заборави дека Мијалков првично избега. Останува нашата посветеност да се истражи случајот“, порача премиерот. 

-повеќе на темата: Мијалков се појави кај Русковска: Никогаш нема да побегнам

Ваквиот „расплет“ на настаните следи откако Мијалков, по два дена потрага од страна на полицијата, сам се појави во Обвинителството за организиран криминал и корупција, за да го подигне решението за куќен притвор, коешто му беше изречено поради сомнеж дека се подготвува за бегство. 

Мијалков, пак, вели дека бил во изолација поради здравствени причини. Им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани. Додека пред телевизиската камера тврдеше дека не бегал, ниту пак планира да бега, премиерот Заев е дециден дека екс-шефот на тајната полиција го планирал токму тоа. Како доказ го наведе тоа што ниту обезбедувањето ниту членови на семејството на Мијалков не знаеле каде е изминативе два дена. 

-повеќе на темата: Од МВР тврделе дека го имаат Мијалков „на око“

„Барам да се истражат пропустите и одговорност ќе има. Јас, Зоран Заев, ве гледам в очи и ви укажувам: компромис за правда нема и нема да има. Ако си грешел, ќе одговараш“, вели Заев. Тој смета дека институциите покажале капацитет. Иако не го нашле Мијалков, тие, сепак, го принудиле самиот да се пријави, откако институциите постапиле против неговото семејство како негови помагачи во бегството, но и со закана за запленување на неговиот имот. „Институциите не го најдоа, но затоа нападнаа по неговите блиски, имот, по се' што има. Потоа тој самиот се пријави во Обвинителството, откако претходно дојдоа адвокатите“, рече Заев.

Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Заев: Ако си грешел, ќе одговарашФотографија: Petr Stojanovski/DW

-повеќе на темата: Интерпол ќе трага по Мијалков, Стејт департментот го следи случајот

На новинарско прашање дали екс-шефот на УБК на овој начин играл „мајтап“ со државата, Заев вели: „Не е играње мајтап, туку принуда да се пријави и да не се обидува да се крие или да бега. Иституциите си постапија. Да не се заборави дека ние сме слободна држава и правата и слободите се загарантирани за секого, се' додека не се покаже спротивното“. За разлика од првиот пат, кога земјата успеа да ја напушти бегалецот Никола Груевски, кој доби азил во Будимпешта, премиерот вели дека овојпат институциите постапиле навреме и не дозволиле да избега и Мијалков.