1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши третата рунда преговори меѓу Белград и Приштина

4 април 2006

Во Виена доцна синоќа заврши третата рунда преговори меѓу претставниците на властите во Белград и Приштина за децентрализацијата на Косово.

https://p.dw.com/p/Ac7c
Албер Роан, заменик на специјалниот пратеник на ОН за преговорите за Косово
Албер Роан, заменик на специјалниот пратеник на ОН за преговорите за КосовоФотографија: AP

Преставниците на Белград и Приштина на третата рунда преговори не успеаа да постигнат конкретен договор за овластување на српските општини, нивното финансирање, меѓусебно поврзување и воспоставување на врска со властите во Србија.

Заменикот на специјалниот пратеник на ОН за преговорите за децентрализација, австрискиот дипломата Албер Роан, на конференцијата за новинарите по состанокот, пренесе дека приштинската делегација инсистира на нови општини уредени не по етнички принципи со силна интеграција на косовските власти. Делегацијата на Белград спротивно на ова, се залага за модел на општини по етнички принципи со широко овластување и што помало влијание на централните косовски институции.

Роан уште укажа дека меѓународните посредувачи не се задолжени да прифаќаат или одбиваат ставови туку да помогнат двете страни да дојдат до прифатливо решение

Членот на белградскиот преговарачки тим, Слободан Самарџиќ од своја страна истакна „Дојдовме до точка да неможеме да се договориме ниту за одделни работи. Ни досега не се договоривме, но работата се води така да се попишуваат прашањата и префренции и на основа на тоа експертите на канцеларијата на Марти Ахтисари ќе направат еден преглед не само на темите туку и на ставовивте на српската и албанската страна. Па потоа ќе видиме како понатаму.“

За најспорните прашања во разговорите, членот на белградската делегација Александар Симиќ истакна „Не се прифаќа суштинската самоуправа во која Србите самостојно би одлучивале во областите на образованието, здравството, социјална заштита, култура и особено не се прифаќа самоуправа во областите на правосудството и полицијата.“

Косовоската делегација на вчерашната трета рунда преговори беше предводена од вице премиерот Лутфи Хазири, кој оцени дека двете страни се далеку од договор. Најтешко прашање беше дали општините треба да се формираат по етнички или по функционален принцип. Хазири уште оцени и дека документот кој го предложија меѓународните посредници е во склад со ставот на косовската делегација.

Наредниот состанок за децентрализација на Косово е закажан за 4 мај.