1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршија Струшките вечери на поезијата

29 август 2011

Со поетскиот митинг „Мостови“ и врачување на наградите, во Струга заврши 50-тиот меѓународен поетски фестивал. На затворањето на Струшките вечери на поезијата се обрати Ирина Бокова, генерална директорка на УНЕСКО.

https://p.dw.com/p/12PC8
Струга со поезијата „дишеше“ неколку денаФотографија: DW

Од Мостот на поезијата Бокова вчеравечер (28.08) рече дека настојувањето на УНЕСКО да ја промовира разноликоста добива посебно значење кога таа разноликост одекнува во созвучјето на гласовите што ја сочинуваат светската поезија. Токму затоа, рече таа, УНЕСКО, се приклучи годинава кон прославата на 50-годишнината на меѓународниот струшки поетски фестивал, признавајќи ја на тој начин неговата улога на градител на мостови меѓу народите.

Бокова му ја честиташе наградата Златен венец на годинашниот лауреат Матеја Матевски посочувајќи дека „неговиот поетски печат го одбележува трајно не само просторот на Југоисточна Европа, туку и целиот медитерански културен појас“.

Generalsekretärin Irina Bokova
Ирина Бокова: Разноликоста добива посебно значење кога одекнува во созвучјето на гласовите што ја сочинуваат светската поезијаФотографија: Picture-alliance/dpa

Матевски е 46-тиот добитник на највисокото признание на СВП, кое почна да се доделува од 1966, т.е. од петтото издание на фестивалот.

„Во овие мигови на возбуда и радост можам само да искажам длабока благодарност што и‘ искажавте доверба на мојата поезија и на сите мои години посветени на овој наш заеднички убав фестивал. Моја желба и надеж, како и на сите собрани тука, е да се продолжи одгледувањето и растежот на ова убаво дрво што се вика Струшки вечери на поезијата“, рече Матевски откако ја прими наградата.

На Веле Смилевски му беше врачена наградата „Браќа Миладиновци“, која СВП ја доделува за најдобра стихозбирка од македонски автор меѓу две фестивалски изданија. Признанието тој го доби за збирката „Забранета книга“.

Јапонскиот поет Хироши Таниучи ја прими наградата „Мостови на Струга“, која СВП во соработка со УНЕСКО ја доделува за дебитантска поетска книга на млад странски автор.

Наградата „Стојан Христов“ за најдобра стихозбирка од македонски поет од дијаспората ја доби Душан Ристески од Австралија, во чие име наградата ја прими претставник од неговото семејство.

Покрај добитниците на годинашните награди, на затворањето на Струшките вечери на поезијата настапија и четириесетина поети од разни страни на светот. За полувековниот јубилеј на најстарата поетска манифестација на Балканот и најстара во светот со непрекинат континуитет годинава учествуваа 150 поети, што е рекорден број, од 70 земји од пет континенти. Меѓу нив беа и шестмина поранешни носители на „Златниот венец“. Учесниците на СВП денеска патуваат низ Македонија, а утре ќе имаат средба во Друштвото на писателите на Македонија и поетски митинг во Сули-ан во Скопје.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Трајче Тосев