1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на бина

Роберт Балес3 март 2009

Кариерата и почна тукуречи в кревет и трае 40 години. Таа глуми, пее, политички се ангажира и не ги крие од јавноста малите скандали и семејни недоразбирања. Тоа е животот на Уши Глас. Актерката наполни 65 години.

https://p.dw.com/p/H46J
Уши Глас полни 65 годиниФотографија: dpa

Млада раскошна жена непристојно скока на кревет, а на мажите им отпаѓаат очите. Жената носи еротски корсет, којшто повеќе покажува отколку што затскрива. Почнува да дрдори на баварски дијалект, но, тоа никого не го интересира. Се’ дотогаш, во германскиот филм ниту една жена не била толку слободна. Пробивот се случи во 1967 година со легенрадниот филм „Zur Sache Schätzchen" што би значело „Да поентираме, срцка“.  А срцето беше Уши Глас.

Kalenderblatt Dreharbeiten Zur Sache Schätzchen
Сцена од филмот „Zur Sache Schätzchen“Фотографија: dpa

Уши Глас е родена 1944 година во Ландау. Детството и младоста ги мина скромно. Израсна во посиромашни семејни околности, заврши средно училиште, а потоа  работеше како секретарка и книговодител. Како 20 годишна девојка во Минхен имаше потајна желба: да влезе во ѕвездениот свет на филмот, да биде дел од „кремот“ во Минхен. Желбата и се исполни, кога на прослава по една филмска премиера дрско му се фрли во прегратка на продуцентот Хорст Вендлант.

Уши Глас изгледаше добро, филмскиот продуцент не беше слеп и  ја ангажираше својата нова штитеничка за филските верзии на „Страшниот монах“ од Едгар Валас и „Винету и полукрвниот Апаначи“ од Карл Мај.  Злите јазици тврдеа дека поради нејзиниот силен баварски дијалект, говорот на Уши бил натсинхронизиран. Но, публиката ја сакаше за Уши. Таа посетуваше училиште за глума и со веќе споменатиот филм од 1967 година стана славна.

Наклонетост кон политиката

Потоа Уши направи радикална промена. Таа не сакаше да биде повеќе „зајаче“ на генерацијата 68’, а мачо однесувањето на младите момци го сметаше за страшно, па затоа најде сосем поинаква ориентација: Се сврте кон политичарот Франц Јозеф Штраус и партијата ЦСУ, и до денес опстојува на ултраконзервативните ставови. Оттогаш таква е и во филмовите и на телевизијата.

Filmfest München Uschi Glas Peter Weck und Janina Hartwig
Уши Глас со своите колегиФотографија: picture-alliance/ dpa

Редовно играше улоги во простите комедиите од 70тите години „Нашите најубави години“, „ Двајца Минхенчани во Хамбург“: не претерано возбудливо, но сепак солидно. Жолтиот печат злобно известуваше за неволјите од приватниот живот на актерката. Подсмев предизвика и скандалот околу кремот за лице, што го носи името на Уши Глас, и кој наместо да ги коригира фалтите, предизвикува акни на лицата на жените што го употребуваа.

Уши Глас денеска полни 65 години, години, кои и покрај еветнуалните корекции оставија траги. Глас е омажена по вторпат и има три возрасни деца, од кои, синот Бенјамин често доаѓа во конфликт со законот.  Добрите времиња за Уши Глас  се минато, но, кога еднаш ќе станеш дел од „кремот“ на минхенското друштво, секогаш постои можност да се оддржи симпатичната фасада во јавноста.