030909 Sudan Gesundheitssystem
17 декември 2009Дури откако медицинската сестра става игла во десното рамо на бебето, во него се буди малку живот. Десетмесечното бебе претходно лежеше без да мрда во станицата за итна помош на малата клиника во градот Вао на запад на Судан. Неговите раце и нозе се слаби како чечкалки за заби, стомакот му е надуен и се тресе како пудинг дури и на најмал допир на прстот. Четири сестри го држат бебето, бараат вена во рачињата. „Бебето е во животна опасност. Ако успееме да најдеме вена и да вшприцаме капка, бебето ќе преживее. Доколку не, ќе умре“, објаснува сестра Грејси, раководител на клиниката.
На мајката на бебето со име Код и` биле потребни два дена за да го донесе син и` на клиниката. Одела пеш, а дел од патот минала и со камион и со такси, што ги користеле други. Телото на Код, поради жештината и проливот е дехидрирано. Итно му е потребна вода. Но, сестрите едноставно не можат да пронајдат вена во која што ќе вшприцаат капка. Мајката седи покрај нив, со рацете ја потрпела главата и тагува за синот, кој е одвај жив.
По неколку дена одење пеш за да се стигне до клиника
Станицата за итна помош на клиниката е шатор со зелена покривка која ја држат црвени стебла. Стотици жени чекаат доејќи ги децата кои врескаат. Исто како мајката на Код, и тие патувале повеќе денови додека стигнале во клиниката. Во јужен Судан, на 100.000 жители има само еден лекар. Во регионот има само три државни болници. Државата гради три здравствени центри, но таму речиси нема ниту лекови.
Црквите и хуманитарните организации се тие што обезбедуваат основна здравствена нега, но и нивните здравствени услуги не стигнуваат до многумина. Ова е причина што повеќето луѓе умираат од болести за кои инаку има лек, како маларија, пролив или тифус. Втора причина за големата смртност е сиромаштијата, објаснува сестра Грејси: „Мнозинството од луѓето овде живеат во ужасна сиромаштија. Тие немаат чиста вода за пиење, немаат ’нормални’ тоалети, јадат еднаш дневно, а кога се болни тешко можат да стигнат до клиниката навреме. Повеќето умираат.“
Нема лекари, лекови...
Кој успеал да стигне до клиниката е среќник. Во тесна просторија Лупо Уцин Мболо прегледува една пациентка. Ординацијата се состои од една разнишана дрвена маса и три столчиња. Малтерот паѓа од ѕидовите, а наместо прозорец има само решетки. Лупо Уцин Мболо има само свој стетоскоп. Апарат за мерење притисок мора да позјамува од колегите. Клиниката е подобро опремена од државните здравствени центри, но, сепак, има проблеми.
„Понекогаш ги немаме ниту неопходните лекови. Пациентот оди во болничката аптека и добива одговор ’немаме’. Потоа мора да оди в град, да ги посети сите аптеки и да се надева дека таму ќе го најде лекот.“
Медицинска сестра на која никој не и‘ покажал како се става инјекција
На неколку минути оддалеченост од клиниката се наоѓа училиштето за болничари. Една египетска лекарка им објаснува на учениците како се става инјекција. Притоа, учениците не се почетници. Магдалена Асугустино, на пример, е медицинска сестра веќе 16 години, но како и на многумина колеги, и нејзе и` е итно неопходен тренинг. Зашто, само мал број од нив имаат соодветно образование: „Кога се обучував, за време на војната, немаше луѓе кои не` подучуваа. Немаше дури ниту инструменти за да вежбаме со нив. На пример, сакавме да научиме како се става инјекција, но инјекции немаше. Сакавме да научиме како да им помогнеме на пациентите, но немаше кој да не` научи. “
За малиот Код, во меѓувреме, има надеж. По долго барање, сестрите пронајдоа вена во неговото мало раче. Во телото полека му се вшприцува солен раствор, но колку тој навистина ќе живее е неизвесно. Поради лошиот здравствен систем во јужен Судан, секое четврто дете умира пред да наполни пет години.
Автор: Даниел Пелц/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска