1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки борби меѓу бунтовниците и сириската армија

ЖА/дпа/дв/миа23 јули 2012

Во Сирија се водат жестоки борби околку контролата врз главниот град Дамаск и економската метропола Алепо. Арапската лига бара од сирискиот Претседател да се повлече од власт.

https://p.dw.com/p/15dDP
Фотографија: AP

Притоа војската, како што тврдат активисти, повторно употребува борбени хеликоптери и тенкови. Илјадници луѓе бегаат во соседните држави. Според комесаријатот на ОН за бегалци, УНЦХР, во последните 48 часа Дамаск го напуштиле околу 30 илјади луѓе.

Во судири меѓу владините војски и бунтовниците вчера во Сирија загинале над сто лица. Со тоа бројот на жртвите на конфликтот од почетокот на јули достигна 2.750 лица.

Според податоците на Центарот за набљудување на човековите права во Лондон, од почетокот на конфликтот во Сирија од март минатата година загинале над 19.000 лица.

Арапската лига го повика Башар ал Асад да се повлече од власта 

Земјите од Арапската лига го повикаа претседателот на Сирија Башар ал Асад итно да се повлече од власта, а во замена му гарантираат дека ќе може безбедно да ја напушти земјата, соопшти премиерот на Катар Хамад бин Џасам ал Тани на прес конференција во Доха.

Syrien / Türkei / Flüchtlinge
Голем број сириски бегалци во соседните земјиФотографија: Reuters

Во Доха доцна синоќа почна вонредна средба на ниво на министри на Арапската лига.

Ал Тани го повика Башар ал Асад „да ја донесе оваа храбра одлука за да ја спаси својата земја и да се заврши со убиствата и разурнувањата“.

Истовремено со ова Арапската лига ја повика и сириската опозиција и Слободната сириска армија да формираат преодна влада, која ќе го преземе управувањето со земјата по повлекувањето на претседателот ал Асад.

На средбата беше донесена одлука земјите од Арапската лига да доделат 100 милиони долари за сириските бегалци.

Практично, Арапската лига на Дамаск му предлага решение слично на решението за Јемен. Земјите од Советот за соработка во Заливот му гарантираа безбедност на поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех, откако тој доброволно се откажа од претседателската функција и ја напушти земјата.

И министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ денеска повторно ќе се советуваат околу ситуацијата во Сирија и планираат натамошни санкции против претседателот Башар ал Асад.