1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Женски оџи во Германија

20 јули 2009

Центарот за исламска теологија во Келн е досега единствен од таков вид во Германија, таму 35 муслимани учат интерпретација на Коранот и молитвена литургија, а во одделението во Бергиш Гладбах се школуваат женски оџи.

https://p.dw.com/p/Is9D
Рамноправен дијалог меѓу религиитеФотографија: picture-alliance/dpa

„Сите учиме ист текст од арапски и не е тешко“, објаснува осумнаесетгодишната Турчинка, која со десет свои врснички седи на маса во едноставната просторија и повторува долги извадоци од Коранот. Монотоно мрморење доаѓа и од околните простории.

43 ученички од цела Германија во Бергиш Гладбах се школуваат за теолози, т.н. женски оџи. Салиха Кочугит тука е една година, доаѓа од покраината Баден Виртемберг: „Матурирав, се информирав и видов дека со шамијата во Германија немам многу шанси за некоја квалификација. Размислив што би можела да направам, за да се обезбедам. Подоцна, ако ова не ми одговара, можам да студирам или да работам нешто друго.“

Обуката, која ја организира здружениото на исламските културни центри од Келн, ВИКЦ, трае 3 години.

Symbolbild Islam in Deutschland
Фотографија: DW Fotomontage

Транспарентност во работата

ВИКЦ, кое спаѓа во најголемите муслимански здруженија во Германија, според неговата евиденција има околу 300 верски заедници со џамии и школи за Коран и околу 24 илјади членови. Минатите години се најде на насловните страници на весниците, поради формирањето ученички домови без дозвола. Оттогаш, организацијата се грижи за транспарентност во активностите. Пред две години здружението го формираше Центарот за исламска теологија во Келн, кој врши школување на имами.

Паралелно со него, одделението во Бергиш Гладбах пак врши обука на женски оџи, кои можат да работат како проповеднички во Германија и во странство. Нигар Јардим, ополномоштеник за интеграција и женски прашања во здружението на исламските културни центри за нивниот подоцнежен ангажман вели: „Проповедник е всушност само еден дел од службата. Во германскиот јазик не постои соодветен превод. На турски велиме едноставно, дека школуваме оџи. Оџа инаку е многу повеќе од проповедник, тој е и учител, духовен советник. Девојките овде се подготвуваат за сите овие ангажмани.

Патот дотаму е тежок, а листата на чекање долга“, додава Нигар Јардим: „По правило, обуката е подолга. Девојките не доѓаат овде директно, туку претходно поминале одреден пробен тест. Тоа е сосема нормален тест за проверка на нивните предзнаења, значи рецитирање од Коранот, одделни семантички области, мора да бидат исполнети одредени услови за да се дојде овде.

BdT Türkei und der Kopftuchverbot
Фотографија: AP

Сите млади жени овде се полнолетни и уште од детство присуствувале на часови по религија во нивните верски заедници. Во Бергиш Гладбах доаѓаат од сопствено убедување, а носењето шамија е разбирливо само по себе“.

Салиха Кочигит е задоволна од школувањето: „Прилично радо го правам ова, ја сакам мојата религија. Не е се‘ концентрирано само врз исламот, туку на пример, на поддршка на родителите во воспитувањето на децата. Ги продлабочуваме областите кои се однесуваат посебно на жените, значи, специфично женските проблеми.“

Да се допре до младите муслимани и да се води дијалог

Наставата во центарот за обука на оџи трае шест до осум часови дневно и ја држат шест проповеднички. Наставната програма е прилагодена на верските потреби на муслиманските заедници. Дијалогот со другите религии го нема во наставниот план во основниот дел од образованието и се нуди дури во напреднатата фаза. Тој се организира во соработка со една евангелистичка наставна организација. Посебно важно при школувањето е владеењето на германскиот јазик.

За тоа Нигар Јардим вели: „Овие девојки посетувале овдешно училиште и се социјализирани. Немаме ниту една единствена девојка која не зборува германски. Многу од нив имаат завршено матура и можат рамноправо да водат разумен интеррелигиозен дијалог во општеството на германски јазик.“

Pakistan Bildung Koranunterricht in Islamabad
Учење од од КоранотФотографија: AP

Пред се‘, тие можат да допрат до младите Турци, кои се израснати во Германија и кои не зборуваат веќе течно турски. Соседите во Бергиш Гладбах се малку иритирани кога ќе ги видат 43-те девојки во мантили до земја и со шамии, признава проповедничката Несе Кумас: „Не‘ гледаат малку настрана, но тоа не не‘ засега.“

Сепак, сите се трудат за мирен соживот. Заинтерсираните граѓани веќе двапати биле поканети во просториите на школата. Во посета на малата џамија директно до школата доаѓаат и цели одделенија ученици. Во моментов се водат преговори за нова образовна институција за девојчиња под 18 години. Некои ја поддржуваат таа иницијатива, некои ја оспоруваат. Нигар Јардим смета: „Нам ни се потребни луѓе кои ќе ја пренесуваат религијата и културата на новите генерации, тие се многу важни и за интеграцијата. “


Автор: Александра Јарецка/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска