1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желба за враќање кон иднината

28 август 2010

Мароко деновиве целосно е во знакот на Рамазан. Во земјата се разгорува дискусија-дали Рамазан станува се‘ порадикален, колку се испреплетени религијата, моќта и политиката, играат ли улога личните права и слободи.

https://p.dw.com/p/OxxL
Фотографија: DW

За време на месецот Рамазан минатата година група млади Мароканци преку Фејсбук договори пикник во шумата Мохамедиа, пред портите на Казабланка. Целосно кршење на табуата, зашто јавното прекршување на постот за времена Рамазан во Мароко претставува кривично дело. Власта ги шпионирала младите преку интернет, ја загушила акцијата во корен. Зинеб Ел Газауи, соосновач на Движењето за човекови права и индивидуални слободи, накратко МАЛИ, се присетува:

„Уште на железничката станица кај Мохамедиа не‘ пречекаа стотици полицајци, небаре цела армија која пресретнува терористи. Не‘ навредуваа, не внесоа во возот, па со часови не‘ сослушуваа, во притвор. Не‘ ослободија само поради притисокот на меѓународната јавност.“

Шегите завршија со сериозни закани

„100 полицајци против 100 сендвичи“, се иронизираше потоа околу акцијата преку Фејсбук. Но, шегите завршија кога мароканските медиуми започнаа лов на вештици и прекршителите на постот добија повеќе електронски пораки со смртни закани. Притоа, постојано повторуваа дека нивната акција не е насочена против мароканското општество или против исламот и Рамазан, еден од петте столбови на оваа религија. Организацијата на Зинеб Ел Газауи не протестира против постењето, туку против криминализацијата на непостењето. Со критиката на новата „тоталитаризација на религијата“, вели Зинеб, групата погоди токму во нервот на проблемот. Жестоката реакција на државниот апарат е порака:

„Се разбира, кај нас се јавува страв, тоа беше и желбата. Странците во Мароко ретко се одважуваат да јадат јавно, а муслиманите кои тајно го кршат постот, се казнувани, некои одат в затвор, зашто соседите ги поткажале. А Рамазан по дефиниција е нешто меѓу Бог и поединецот, не се пости поради другите.“

Marokko-Frauen
Фотографија: Loay Mudhoon/DW

Исламистите се засилуваат

Зад нападот врз месецот на постот се крие сензибилна политика, се работи за одвојување на црквата од државата, но се работи и за моќта на монархијата. Во мароканскиот устав исламот е внесен како државна религија, кралот е највисок верски водач. Иако уставот секому гарантира верска слобода, кривичниот закон предвидува парична казна и до шест месеци затвор за јавно прекинување на постот за времена Рамазан.

А не било отсекогаш така. Уште во 1970-тите години во Мароко владееле либерални прописи во поглед на Рамазан. Студентите на универзитетот можеле јавно да јадат, пијат и пушат, што денес е незамисливо. Мароко направи напредок, оценува Зинеб Ел Газауи, благодарение на кралот Мохамед шести. Но, застапниците на граѓанските права стравуваат дека државата постепено ја испушта од раце заштитата на индивидуалните слободи под притисок на исламистите.

Претставниците на највлијателната партија на правдата и развојот пак се повикуваат на анкетите според кои мнозинството е за религијата, 98 проценти. Но, поборниците за човекови права токму затоа сакаат и натаму да се борат, во името на религијата како право на единката, а против радикализацијата на Рамазан како општествено средство за притисок. Тие се залагаат за држава која ќе се разбуди од својата несвест во однос на религиозната инструментализација. Зинеб сака назад во иднината, во религиозно либерално Мароко од 70-те години.

Автор: Александер Гебел/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски