1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во заштита на штедачите

СН/бг/дпа/миа/афп18 декември 2013

Европската унија во моментов на повеќе фронтови работи во насока на тоа во иднина да ги заштити даночните обврзници од трошоците кои настануваат од банкротот на банките.

https://p.dw.com/p/1Abrs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската унија има намера подобро да ги заштити банкарските заштеди на приватни лица. За деталите на новите правила на состанокот во Брисел согласност постигнаа преговарачите од земјите-членки на ЕУ, Европскиот парламент и на Европската Комисија, соопшти литванското претседателство со Унијата. Новите одредби предвидуваат приватните клиенти во случај на криза во нивните банки или банкрот да можат полесно отколку досега да дојдат до сопствените заштеди. Акционерите и доверителите во иднина би требало да преземат поголема обврска и да ги покријат загубите во случај на криза на банката. Во иднина пак банките би требало да уплатуваат пари во специјални кризни фондови. Со новите правила Брисел извлекува уште една поука од финансиската криза. Европарламентот но и лидерите на државите-членки на ЕУ мора уште официјално да го одобрат постигнатиот компромис.

Од друга страна Европската унија е сѐ поблиску до усвојување на уште една мерка која има за цел да ги заштити даночните обврзници од тоа да плаќаат за спас на банките.

Министрите за финансии на еврозоната имено постигнале значаен напредок во напорите за постигнување договор за идните правила за полесно затворање на проблематичните банки. Ваквиот напредок ги засилува надежите дека во следните 24 часа може да биде постигнат договор.

„ Ноќва постигнавме многу важен чекор напред“, рече еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен, по седум часовните разговори во Брисел. Претседателот на еврогрупата Жерон Дијселблом изрази оптимизам за евентуално финализирање на договорот за банките во следниот круг од преговорите.

„Имаме заедничка визија, изјави францускиот министер за финансии Пјер Московиси, додавајќи дека се уште има детали што треба да се решат. Преговорите ќе продолжат денеска, кога сите 28 министри за финансии од ЕУ ќе се обидат да ја финализираат спогодбата.