1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ постигна единство

Бернд Ригерт/Агенции/К.Д.20 март 2009

По неколкумесечен спор, земјите членки на ЕУ на самитот во Брисел постигнаа единство околу конјуктурниот пакет тежок пет милијарди евра. Натамошна заедничка финансиска помош засега не е планирана.

https://p.dw.com/p/HFzN
Ангела Меркел, Никола Саркози и Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Шефовите на држави и влади на 27 земји членки на ЕУ постигнаа брзо единство. Синоќа во Брисел тие се усогласија околу заеднички финансираната конјуктурна програма на Европската комисија, вредна пет милијарди евра. Овие пари треба да се употребат за изградба на енергетска мрежа како и широкопојасна интернет мрежа. Тие ќе се земат од тековниот буџет на Унијата, но под строги критериуми. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо беше задоволен што неговата програма конечно доби соодветна форма. „Многу сум среќен дека нашиот предлог е прифатен“ изјави Барозо. Тој дополни дека ќе се финансираат проектите кои можат да бидат реализирани во текот на оваа или наредната година. Ова според него е разумно бидејќи овие пари треба да ја стимулираат конјуктурата. Германската канцеларка Ангела Меркел, стоеше на ставот за ограничување на програмите за помош, бидејќи само на тој начин може да се даде успешен придонес во справувањето со економската криза. Германската влада претходно критикуваше дека планираните проекти краткорочно нема да и помогнат на конјуктурата. Германија во програмата на ЕУ ќе учествува со една милијарда евра.

Да се сочека на резултатите од конјуктурните програми

Самитот денеска продолжува со расправа околу предлогот за зголемување на фондот за итна помош за оние земји кои поради економската и финансиската криза западнаа во тешкотии. Европската комисија предлага овој фонд да се зголеми од 25, на 50 милијарди евра. Инаку лидерите на Унијата засега не планираат натамошни национални конјуктурни програми. Досега земјите членки заедно одвоија 200 милијарди евра за поддршка на конјуктурата, уште толку пари за социјални програми и невработените, како и 300 милијарди евра за купување на дел од проблематичните банки. Претседавачот со ЕУ, чешкиот премиер Мирек Тополанек изјави дека мора да се сочека дали овие пакети ќе го ублажат падот на економијата. Шведскиот премиер Фредрик Реинфелд предупреди дека јавните буџети во Европа се на граница на капацитетите. САД, воочи светскиот финансиски самит на 20-те најзначајни индустриски и земји во развој, кој треба да се одржи на втори април во Лондон, побараа од ЕУ да донесе поголеми конјуктурни програми.

EU Gipfel in Brüssel
Учесниците на самитотФотографија: AP