ЕУ повторно ќе посредува меѓу Србија и Косово
16 април 2013Портпарол на Кетрин Ештон ја соопшти веста во Брисел:
„Ги замолив да дојдат во конструктивен дух и со подготвеност за проверка на различни опции, како и за постигнување компромис“, ја цитираше портпаролката Ештон.
Во досегашните осум преговарачки рунди под покровителство на Ештон, двете страни во минатите шест месеци не можеа да постигнат согласност за решение на конфликтот. Србија не ја признава независноста на Косово, кое порано припаѓаше на Југославија, а стана самостојно во 2008 година. Посебно спорно е каква автономија ќе им биде призната на Србите кои живеат на северот на Косово.
Постигнување договор меѓу Белград и Приштина е предуслов за тоа Србија да добие термин за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Европската комисија денеска попладнето расправа околу извештајот кој треба да биде основа за одлуката на ЕУ-самитот во јуни. Не е исклучено, извештајот во последна минута да биде одложен за неколку дена, за да се сочека новозакажаната средба.
(На фотографијата - архива - од поранешните средби на Ештон со Дачиќ и Тачи)