1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ останува поделена во однос на Косово

Кристоф Хаселбах/Борис Георгиевски10 септември 2012

Косовската независност од денеска повеќе нема да биде надгледувана од меѓународната заедница. За властите во Приштина тоа е уште еден важен датум, но клучно останува признавањето од ЕУ, кое нема наскоро да се случи.

https://p.dw.com/p/165rE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Откако Косово прогласи независност на почетокот на 2008 година, ЕУ застана пред дилема: дали да ја признае независноста на поранешната српска провинција? Мнозинството од ЕУ членките, меѓу нив и Германија, се одлучија за признавање. Тогашниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер одлуката ја објасни со потребата да се оконча „долгогодишната несигурност и нестабилност. Само на тој начин ќе можеме да обезбедиме подобра иднина не само за Косово, туку и за целиот Западен Балкан“.

Но, сосема поинаку на проблемот гледаат владите во Грција, Романија, Словачка, Шпанија и Кипар. Овие земји не ја признаваат косовската независност, и според последните најави, не планираат да го сторат тоа. Шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Гарсиа Маргало минатата недела порача дека неговата земја ќе остане на одлуката, и дека прашањата од овој тип мора да се решаваат со меѓународните преговори.

Прашањето е зошто токму овие земји се одлучија на ваков чекор? Според косовската претседателка Атифете Јахјага, тоа нема никаква врска со Косово, туку со стравот на овие земји од сопствените малцинства.

„Тоа се внатрешно-политички причини“, вели Јахјага. Сите пет земји имаат големи малцинства во нивните земји и стравуваат дека тие би можеле да побараат независност.

Но, според некои мислења, токму ваквите одлуки ја уриваат заедничката политика на ЕУ кон регионот. Улрике Луначек, австриска пратеничка од редовите на Зелените во Европарламентот и известувач за Косово ги повика петте држави да го признаат Косово,„бидејќи на тој начин напорите на ЕУ би биле уште поделотворни“.

Во секој случај, тоа нема да се случи во следните шест месеци кога Кипар претседава со ЕУ, бидејќи оваа земја веќе најави дека во однос на Косово ќе има „статусно неутрален пристап“.

Serbien Kosovo Unabhängigkeit Flagge
Фотографија: AP

Притоа, се’ додека ЕУ е неединствена по ова прашање, не може да се очекува ниту од Србија да се откаже од него.

Косово од друга страна, нема да може да аплицира за кандидатски статус во Унијата се’ додека не биде признаено од сите нејзини членки, иако од Европската Комисија потенцираат дека европскиот пат на Приштина е отворен.

Што се однесува до односите меѓу Белград и Приштина, во изминатиот период беше направено мало придвижување, откако српските власти соопштија оти во иднина ќе присуствуваат на настаните на кои се и претставници на Косово, без условување за називот на земјата.

Промени во Косово

Но, што се менува на Косово сега, кога Меѓународната цивилна канцеларија во Приштина одлучи да ги затвори вратите? Не многу, смета Марко Прелец, експерт за Балканот на Меѓународната кризна група во Брисел.

„Косово е се уште нестабилно, особено тоа се однесува на владеењето на правото, како и во односите со Србите од северот на земјата“.

Прелец не очекува ништо да се промени ниту во однос на признавањето од страна на останатите пет членки на ЕУ, ниту пак Косово ќе стане членка на Обединетите нации.

Kosovo Unabhängigkeit Feiertag
Фотографија: DW

Прелец вели дека секое евентуално повлекување на меѓународното присуство ќе значи поголема опасност за Србите во Косово.

„Тоа е се’ уште опасно подрачје и меѓународната присутност ќе биде потребна уште долги години“. Во ЕУ и во НАТО се со слично мислење. КФОР ќе остане на Косово под раководство на НАТО, исто како и мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС.