1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ - мониторинг во спорот околу Гибралтар

ЖА/дв/макфакс8 август 2013

ЕК ќе испрати група свои експерти за мониторинг на ситуацијата на границата меѓу Шпанија и Гибралтар, спор кој предизвика тензии на релација Мадрид и Лондон.

https://p.dw.com/p/19MIJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Експертите ќе треба да набљудуваат дали пограничната контрола на Гибралтар соодветствува на „пропорционалната форма“, пренесува денеска бриселското радио Контакт. Тензиите околу Гибралтар меѓу Шпанија и Велика Британија, чија територија е овој гребен на Пиринејскиот полуостров и најблиската европска точка до северна Африка, ја вознемируваат европската заедница неколку седмици наназад, особено откако британското министерство за надворешни работи го повика шпанскиот амбасадор во Лондон да појасни за задржувањата на границата со Гибралтар, предизвикани од дополнителни проверки на товарите.

Вчера (07.08) шпанскиот и британскиот премиер, Мариано Рахој и Дејвид Камерон, телефонски разговараа при што шпанската страна повтори дека е неприфатливо однесувањето на Гибралтар, кој поставува камени блокови во морето, попречувајќи го патот на шпанските рибарски бродови, за кои властите во Гибралтар тврдат дека е подигнување вештачки гребен. Сепак, Рахој, коментирајќи го разговорот кажа дека изразил надеж оти конфликтот меѓу двете земји ќе биде решен на „фер начин“. Според шпанскиот премиер Шпанија и Британија се партнери и затоа „споровите меѓу двете земји треба да се решат чесно и транспарентно, во согласност со меѓународните, европските и националните закони“.

Felsen von Gibraltar
Гибралтар: мала површина, голем спорФотографија: picture alliance/Roland Holschneider

Претходно минатата седмица шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Гарсија Маргаљ изјави дека планира воведување такси од 50 евра за секое преминување на границата меѓу Шпанија и Гибралтар. Според него, со оваа мерка ќе треба да им се субвенционира на шпанските рибари коишто се засегнати од активностите на властите на Гибралтар. Покрај тоа, Маргаљ најави дека планира и да го затвори шпанскиот воздушен простор за авионите кои летаат кон Гибралтар, како и воведување даночни контроли за жителите на Гибралтар кои имаат имоти во Шпанија.

Гибралтар веќе три века е предмет на спорови меѓу Шпанија и Велика Британија. Англичаните ја контролираат областа јужно од карпестиот брег на Пиринејскиот полуостров на површина од 6,5 километри со население од околу 30 илјади луѓе.