1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и САД на крстопат - за или против Мубарак?

1 февруари 2011

Министрите за надворешни работи на ЕУ вчера (31.01) во Брисел воздржано реагираа на немирите во Египет. Поддршка за земјата да, но без мешање во внатрешните работи. САД во меѓувреме го зголемија притисокот врз Мубарак.

https://p.dw.com/p/QxFn
Фотографија: picture alliance / dpa

Ненасилен, мирен премин кон демократијата, тоа е она што европските министри за надворешни работи го очекуваат од египетската влада. Постепено мора да се создаде клима за слободни избори, порачаа министрите од состанокот во Брисел. ЕУ се дистанцира од Хосни Мубарак: ниту збор поддршка за египетскиот претседател, долгогодишен партнер на Унијата, кој сега се бори за политичко преживување. „Европската унија нема да заземе страна за поединечни личности, туку ќе ја заземе страната на демократијата, слободата на говорот, човековите права, сето останато е работа за дијалог во самиот Египет“, порача шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле.

Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини, пак, резимираше: „Никогаш не треба ние да решaваме кој ќе остане, а кој ќе си замине. Тоа мора да го сторат Египќаните.“

Infografik EU Nachbarschaftspolitik Flash-Galerie
ЕУ и соседите

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон потенцираше дека ЕУ е подготвена да му помогне на Египет и во иднина. Луксембуршкиот премиер од своја страна изрази критика, оти ЕУ во изминатиот период подзаборавила дека во арпскиот свет живеат луѓе кои бараат демократија. На слична линија е и шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт. „Исправени сме пред многу големи предизвици: антидемократски ветер од истокот, реформско движење на југот. Мора многу посериозно да ги сфатиме нашите соседи отколку досега.“

Вашингтон го зголемува притисокот врз Мубарак

US-Präsident Barack Obama und der ägyptische Präsident Hosni Mubarak
Американскиот претседател Барак Обама и египетскиот претседател Хосни Мубарак (архива)Фотографија: AP

Поранешниот американски амбасадор во Египет, Франк Визнер, од вчера е во Каиро во својство на специјален пратеник, за да ги потврди американските барања за демократски реформи. Портпаролот на американскиот претседател Барак Обама нагласи дека САД не може да бараат оставка на Мубарак, но во оваа преодна фаза потребни се темелни промени за нов почеток. Политиката на Египет мора да претрпи фундаментални промени, нагласи портпаролот Роберт Гибс.

Меѓутоа, на Вашингтон му е јасно: деновите на Мубарак се избројани. Американската влада исто така знае дека кој и да биде негов наследник ни од далеку нема да има таква силна позиција како египетскиот претседател во изминатите 30 години.

Автор: Катрин Бранд / Ралф Зина / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска