1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и наградата за Северна Македонија

ЖА/ печат
30 април 2019

„Во ЕУ уште е спорно колку брзо владата во Скопје треба да биде наградена со почеток на пристапни преговори за улогата во спогодбата со Атина. Франција кочи, зашто претседателот Макрон бара прво реформа на ЕУ“, пишува ЗЦ

https://p.dw.com/p/3Hgz8
Deutschland Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Hrvatska Vlada

По вчерашниот неформален самит во Берлинмеѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон како домаќини со претставниците на земјите од Западен Балкан, медиумите на германски јазик го анализираат резултатот главно со резиме: тешки разговори и малку нешто повеќе отколку еден импулс. 

„Меркел и Макрон се трудат да посредуваат на Балканот“ - под овој наслов весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува дека „не исклучиво, но најголем дел од самитот веројатно е потрошен на тоа барем да се деактивира спорот околу сценариото за размена на територии меѓу Србија и Косово. Германската влада е против тоа и против промена на граници со етничка заднина.“

Весникот Ноје цирхер цајтунг пак истакнува дека прес-конференцијата на Меркел и Макрон се чини превенствено „имаше цел што е можно повеќе да се амортизираат очекувањата од средбата. Станува збор единствено за расветлување на состојбите, изјави Меркел, Но, се чини нејзе ѝ беше уште поважно да каже за што нема да станува збор на самитот: преговори за пристап кон ЕУ. И Макрон го подвлече ова. Двојното негирање меѓутоа го покажа проблемот на разговорите: Меркел и Макрон се загрижени за стабилноста на Западен Балкан, сакаат свој ангажман и не сакаат регионот да му го препуштат на влијанието на Русија и Кина - но крајно, немаат многу да понудат“, констатира Ноје Цирхер цајтунг

На тоа се надоврзува и германскиот дневник Зиддојче цајтунг, кој во текстот „Нов импулс за балканската политика“, констатира дека средбата не понуди многу повеќе од „отворена дискусија“. Весникот се осврнува и на пофалбите упатени на адреса на Северна Македонија, но и неединството на ЕУ колку брзо земјата да биде наградена за своите постигања: 

„За на регионот оптоварен со проблеми да му предочат и на позитивни развои, Меркел и Макрон ја пофалија Северна Македонија како пример за успешно решавање на конфликти. Таму владата по повеќегодишен спор со соседот Грција се договори во името на државата да биде додаден префиксот 'Северна'. И тоа наспроти отпорот на националистите. Додавката на името го овозможува бараното разликување од грчката северна провинција Македонија. Со тоа е отстранета огромна пречка на патот кон членство на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Иако, во ЕУ сѐ уште е спорно колку брзо владата во Скопје треба да биде наградена за својата улога во спогодбата со Атина.

Всушност, почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија беше планирано за јуни, непосредно по изборите за Европскиот парламент. Но, Франција кочи, зашто претседателот Макрон генерално бара прво реформа и продлабочување на постојната ЕУ, пред да се конкретизира нов круг проширување со шесте држави од Западен Балкан. Макрон и во Берлин истакна дека на конференцијата не станува збор за политика на проширување. Темата за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија  затоа беше префрлена на билатерални разговори, кои канцеларката Меркел ги водеше со премиерите Зоран Заев од Скопје и Еди Рама од Тирана.“