1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Африка заеднички против илегалната миграција

12 јули 2006

Европските и африканските политичари донесоа акционен план за борба против миграцијата. На крајот од дводневната конференција во Рабат, Мароко прифатени се 62 предлога кои би требало да придонесат за побрз развој на африканскиот континент и намалување на бројот на илегални доселеници во ЕУ. Мајке Шолц беше во Рабат.

https://p.dw.com/p/Ae0B
Логото на конференцијата во Рабат
Логото на конференцијата во РабатФотографија: maec

Учесниците на конференцијата се согласни дека по средбата во Рабат ќе завладее нов дух во однос на миграцијата од африканскиот континент. Во заклучоците од средбата се опфатени два многу важни проблеми сврзани со развојот и безбедноста. Тоа е голем чекор напред во однос на претходната политика , смета министерот за внатрешни работи на Сенегал Оузман Нгом:

“Не смееме уште една конференција да ја сведеме на борбата против илегалната миграција. За нас е поважно да се спојат проблемот на миграцијата и развојот. Тоа ќе биде наша главна задача во овој век. ”

Претставниците на ЕУ инсистираа да се разговара околу проблемото со безбедноста – и во земјите од кои потекнуваат илегалните имигранти и во таканаречените транзитни земји. Прво прашање во оваа област е дали илегалците ги примаат назад во татковините? Околу ова Африканците и Европејците спорат со години.

Сепак, најважното прашање сега е соработката за да им се застане на патот на трговците со луѓе. Се работи за безбедноста на надворешните граници на ЕУ.

Осеи Ајеи, заменик министер за надворешни работи во Гана вели:

“Безбедносните зони во кои никој нема пристап нема да се одржат уште долго. Ние мора да се бориме против причинителот на проблемите. Се поставува прашањето зошто луѓето ги напуштаат домовите? Ако се занимаваме со ова тогаш ќе успееме да ги решиме нашите проблеми. А нив ги има многу".

Неговите зборови беа слушнати. Во завршниот документ на конференцијата се зацртани ветувањата на ЕУ – на пример дека на Африканците ќе им се олесни студирање во ЕУ, дека ќе се намалат трошоците за трансфер на пари во татковината, а ветена е и поголема помош за развој. Во завршниот документ има 62 препораки кои мора да се реализираат. Тоа е голема домашна задача смета и Гинтер Глосер, државен секретар во министерството за надворешни работи на Германија:

“И ние мора да го реализираме својот дел инаку ќе важи повторно правилото дека имавме прекрасна конференција ама само на хартија. Бидејќи одлучивме да се сретнеме за две години во меѓувреме мора и нешто да се направи за да не дојдеме со празни раце”.