1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ во потрага по претседател на Комисијата

18 јуни 2004

Првиот ден од самитот на Европската унија во Брисел под знакот на спорот за идниот претседател на Европската комисија што ги оптоварува разговорите за првиот устав на Унијата.

https://p.dw.com/p/AcMv
Шредер и Фишер на самитот во Брисел
Шредер и Фишер на самитот во БриселФотографија: AP

По ноќната седница, претседавачот на Унијата, ирскиот премиер Берти Ахерн изјави дека се уште нема кандидат што би ја добил поддршката од мнозинството. Овој конфликт ја потисна во заднината решавачката дебата за усвојување на уставот на Европската унија. Сите учесници сепак се сигурни дека ќе биде постигната согласност. Како фаворит за наследник на Романо Проди важеше белгискиот премиер Ги Ферхофштат кој ја има поддршката од Германија и Франција. Но, конзервативната Европска народна партија во трката го вклучи комесарот за надворешна политика Крис Патен. Како алтернативен кандидат беше спомнат премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер, но тој ја одби кандидатурата и изјави:

“Овде не станува збор за спасување на универзумот, туку да се најде претседател на комисијата и ќе го најдеме. Јас не верувам дека сум влезен во ситуација за да бидам претставен како лажго само затоа што за оваа важна функција во Европската унија не може да се најде друг. Тоа не може така“.

Кога станува збор за уставот, по првата работна седница од мнозинството делегации дојдоа позитивни сигнали. Останува последната спорна точка, поделбата на моќта во Советот на министрите. Германскиот канцелар Герхард Шредер изјави:

“Имаме добра шанса да завршиме во овие ден ипол“.

Министерот за надворешни работи Јошка Фишер е оптимист:

“Постои висок степен на готовност за согласност и голема блискост околу нештата“.

Ирскиот премиер Ахерн дополнува: “Ние сме на патот кон единство“. Дипломатите сепак, тргнуваат од тоа дека персоналните дебати можат да ги компликуваат разговорите за уставот.