1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Етапната цел постигната, се планира наредната

15 октомври 2007

Германија во квалификациите за наредното Европско првенство во фудбал ја постигна првата етапна цел – го обезбеди учеството, и веќе се врти кон наредната – догодина во Швајцарија и Австрија да ја освои титулата.

https://p.dw.com/p/Br67
Од натпреварот меѓу Ирска и ГерманијаФотографија: AP

Со тешко изборениот, но заслужен нерешен резултат 0 спрема 0 против Ирска на гостувањето во Даблин, тимот на сојузниот тренер Јоахим Лев во саботата се избори за учество на првенството, како прв од сите учесници во квалификациите. Со дисциплинирана игра и доследно спроведување на тактиката германската репрезентација остана непоразена и во деветтата квалификациона средба, иако во второто полувреме во неколку моменти се најде во подредена положба.

Можеби и затоа по натпреварот играчите и не беа вистински воодушевени што на три кола пред крајот на квалификациите го обезбедија 10-тото учество на Германија на европските првенства. “Се радувам што успеавме, како и сите други играчи. Да се зборува за гордост не би бил вистинскиот израз, оти и други репрезентации ќе се квалификуваат” – вели голманот Јенс Леман, кој импонира со суверениот настап и влеа сигурност и кај неговите соиграчи.

Сепак е впечатливо колку бргу е остварен пласманот на Европското првенство. За тајната на успехот Леман рече: “Мислам дека ние имаме многу добра тактичка основа, токму во дефанзивата, за што заслуги секако има тренерот. Секогаш го слушам тоа дека секој играч всушност во репрезентацијата игра подобро, отколку во својот тим, дека играчите радо го прифаќаат повикот во репрезентацијата, дека точно знаат што треба да прават. Оттука, веројанто овој успех се базира врз добра организација во сите области”.

А тоа, во крајна линија, е заслуга и на сојузниот тренер Јоахим Лев, за кого е карактеристично дека не дозволува опуштање, ништо не препушта на случајот. “Најголема грешка би била опуштање. Би згрешиле кога би се опуштиле во работата” – нагласува Лев.

Вредно е да се забележи како нему постојано му успева да најде замена за водечките играчи. Веќе со месеци недостасува капитенот Михаел Балак, долго време го немаше Торстен Фрингс, сега отсуствуваат Бернд Шнајдер и Мирослав Клозе. Лев тука секогаш повлекуваше вистински потези. На пример, по принудната замена на Бастијан Швајнштајгер уште во почетната фаза на натпреварот во Даблин, алтернативата Симон Ролфес од Баер Леверкузен играше како отсекогаш да бил во репрезентацијата.

Тоа и не е толку тешко, со оглед на “тимскиот дух” во екипата, објаснува Ролфес: “Тој навистина постои во тимот, меѓусебно сите многу се респектираат, постои здруженост, структурата добро сраснува. Многумина млади играчи сакаат многу да научат и да се наметнат, но и покрај тоа постои и извесна хиерархија во тимот која е прифатена од сите”. Симон Ролфес со играта си се препорача како алтернатива, иако допрва ќе се покаже дали ќе успее да се избори за учество и на Европското првенство.

Во штабот на репрезентацијата се и двајца освојувачи на титулата Европски првак во 1996-та година: менаџерот на националниот тим Оливер Бирхоф и тренерот на голманите Андреас Кепке. По бламажите на германската селекција на последните две првенства - во Португалија пред 4 и во Белгија и Холандија пред осум години - Кепке сега зборува за аспирации за титулата како да е тоа самопосебе разбирливо, што сепак може и да се сфати: “Ние секако спаѓаме во кругот на фаворитите оти одигравме навистина добри квалификации. Во минатото, додека и самиот уште бев активен како голман, не беше секогаш така и понекогаш вистински со мака се пробивавме. Но, ние мораме натамошно да се развиваме, во тимот имаме млади играчи кои натамошно ќе се развиваат и тогаш ќе одиграме едно вистински добро Европско првенство”.

Веќе “виден" составот за ЕП?

Спортските аналитичари зборуваат за цврсти контури на репрезентацијата за Европското фудбалско првенство, што ќе се одржи наредната година. Во категоријата сигурни учесници ги вбројуваат Леман, Хилдебранд, Лам, Јанзен, Мецелдер, Мертесакер, Арне Фридрих, Хицлспергер, Фрингс, Шнајдер, Швајнштајгер, Клозе, Балак, Подолски, Курањи и Гомес.

Добри шанси имаат Енке, Фриц, Боровски и Одонкор.

Несигурни кандидати се: Кастро, Мануел Фридрих, Пандер, Ролфес, Хилберт, Троховски, Хелмес, Кислинг, Шлаудраф и Асамоа.

Кандидати-аутсајдери се Ноер, Таски, Кедира, Невил, Кел и Џонс.

Се разбира, Јоахим Лев го има последниот збор.

Резервните играчи со највисоки награди?!

Во репрезентацијата досега немаше нервози ни околу наградите за пласман на Европското првенство, оти се’ беше однапред регулирано: секој кој бил повикан во селекцијата, независно дали играл или не, добива по 12 ипол илјади евра за секој натпревар –значи, максимално се можни 150 илјади евра. Иста награда добиваат и Лев, Кепке, Бирхоф и помошникот-тренер Ханзи Флик. Со ваквиот систем на наградување може да се случи во квалификациите од играчите најмногу да заработат оние, кои имаа мал придонес на теренот – резервниот голман Хилдебранд и Мануел Фридрих, кој е само алтернатива во одбраната.

Вака беше досега. За самото Европско првенство наградите допрва ќе треба да бидат утврдени. За Германскиот фудбалски сојуз претстои решавање на уште еден проблем – тренерот Јоахим Лев порано најави дека за продолжување на договорот ќе разговара дури откако ќе биде обезбедено учеството на Европското првенство. Значи, дојде моментот. Лев, во секој случај, би разговарал за договор до наредното светско првенство во Јужна Африка 2010-та година.

Во квалификациите допрва претстои разврската за сите други учесници

Додека Германците веќе го свртеа погледот напред, за сите други во квалификациите допрва претстојат најтешките средби во кои се решава за пласман.

Во А-групата Полска се одлепи. Во игра и натаму се и Португалија, Финска, па и Србија, и покрај киксот – 0 спрема 0 на гсти кај слабата Ерменија.

Во Б-групата изненадувачки Шкотска е на врвот, Италија и Франција зад неа. Украина дефинитивно отпадна по поразот од Шкотска со 3 спрема 1.

Грција, Турција и Норвешка се преостанатите аспиранти во Ц-групата. Турција си ги влоши изгледите по нерешениот резултат 1 спрема 1 на гости кај аутсајдерот Молдавија.

Во Д-групата е се’ јасно – Германија е недостижна, а се чини и Чешка на второто место.

Во Е-групата Хрватска го чува врвот, иако се намачи со Израел. Англија ја продолжува серијата победи. Изгледи уште има и за Русија – клучен е наредниот дуел нагости кај Англија.

Во Ф-групата Швеѓаните со најдобри изгледи, Шпанија веднаш до нив, а не е сосем отпишана ни Северна Ирска.

Во Г-групата Романија, победникот во големото дерби против Холандија со 1 спрема 0, е на најдобар пат кон учество на Европското првенство. Холанѓаните ја имаат Бугарија како конкурент.

Томас Катенбек / Зоран Јордановски