1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ескалација на севернокорејската криза

ЖА
5 јули 2017

По севернокорејскиот ракетен тест, САД најавија поостри мерки и извршија ракетни вежби. Пјонгјанг порача - „подарокот за американските копилиња“ може да носи атомски боеви глави.

https://p.dw.com/p/2fwWp
Nordkorea - Angeblicher Test einer Interkontinentalrakete
Фотографија: Picture alliance/dpa/Uncredited/KRT/AP

САД и Јужна Кореја на севернокорејскиот ракетен тест реагираа со заеднички воени маневри. Биле испалени ракети во морето пред Јужна Кореја, соопшти американската војска. Американскиот министер за надворешни работи Рекс Тилерсон најави и „поостри мерки“ против Пјонгјанг, жестоко осудувајќи го истрелувањето интерконтинентална балистичка ракета.

Испробувањето ваква ракета претставува „нова ескалација во заканата за САД, нашите сојузници и партнери, регионот и светот“, истакна Тилерсон. „За запирање на глобалната опасност, потребен е глобален одговор. Секоја земја која нагости има севернокорејски работници, остварува економска или воена соработка или не ги спроведува целосно резолуциите на ОН, потпомага опасен режим“, предупреди Тилерсон. Тој апелираше сите нации јавно да демонстрираат дека севернокорејските стремежи кон атомско оружје, ќе имаат консеквенци.

Советот за безбедност на ОН, на барање на САД, денеска треба да одржи итна седница по најновиот ракетен тест на Пјонгјанг.

Северна Кореја вчера, како што беше официјално соопштено, тестирала ракета со долг дострел, која може да стигне до САД. Пробата на ракетата наречена Хвасонг-14 била успешна, објави државната телевизија: Ракетата е во состојба да достигне до било која точка во светот, како и да носи големи, тешки боеви глави. Ова претставува премин кон нов степен во ескалацијата на конфликтот околу севернокорејската атомска програма, кој се смета за еден од потенцијално најзапалливите во светски рамки.

Nord Korea Kim Jong Un beim Test des Feststoffraketentriebwerks Pukguksong-2
Ким Јонг Ун сака да им ја „разбие досадата на САД“Фотографија: picture alliance/AP Photo/Korean Central News Agency

Севернокорејската новинска агенција КЦНА ги пренесува зборовите на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, дека „американските копилиња нема да бидат среќни со овој подарок за 4. јули“, Денот на американската независност. Ким порачал: „Треба повремено да им испраќаме подароци, за да им ја разбиеме досадата.“

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го осуди најновиот ракетен тест од Пјонгјанг: „Ова е натамошно бесрамно кршење на резолуциите на Советот за безбедност и претставува опасна ескалација на ситуацијата“.

Русија и Кина подготвија предлог за деескалација на конфликтот, во кој е предвидено стопирање на севернокорејската атомска и ракетна програма, а истовремено воздржување на САД и Јужна Кореја од поголеми заеднички воени вежби.