1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп е закана за столбовите на американското општество

БГ
25 ноември 2016

Потенцијалот за конфликти е голем. Во Њујорк демонстранти ја оспоруваат легитимноста на изборот на Трамп. Распространето е мислењето дека американскиот изборен систем е изманипулиран, смета Џејмс Гејлбрајт.

https://p.dw.com/p/2TEMj
Donald Trump Republican Society Patriot Dinner South Carolina USA
Фотографија: Getty Images/R.Ellis

Изборот на Доналд Трамп веќе сигнализираше крај на американското морално водство во светот. Тонот на реакцијата на германската канцеларка Ангела Меркел, ќе ја следат многу демократии, ако не од убедувањето, тогаш во најмала рака од политичка неопходност: „Германија и САД се поврзани со заеднички вредности- демократија и слобода, како и почит за владеењето на правото и дигнитетот на секој поединец, без разлика на потеклото, бојата на кожата, полот, сексуалната ориентација или политичките ставови“, рече Ангела Меркел. Врз основа на тие вредности таа му понуди соработка на избраниот претседател. Поелегантна „декларација на независност“ е тешко да се замисли.
Ваквиот исход не е заслуга само на Трамп. Американската исклучителност (ексепционализам)- основата на кампањата на Хилари Клинтон и сигнал за тоа колку таа кампања беше надмината- одамна го надмина својот зенит, можеби со првата Заливска војна во мандатот на Џорџ Буш постариот. Крајот на Студената војна, германското повторно обединување, подемот (и падот) на Европа, подемот на Кина, ги исфрлија САД од престолот. Смртоносната штета беше направена од втората Бушова банда, а Обама не можеше да ја поправи дури и да се трудеше повеќе одошто тоа беше случај. Но Обама, барем уживаше каква-таква лична почит. Но за Трамп тоа не е случај, врската е прекината, ерата заврши и нема набрзо да се врати.

Останува да се види дали Трамп ќе биде повеќе или помалку воинствен. Провокациите и превентивното делување можат да доведат пред свршен чин; нуклеарниот договор со Иран е потенцијално кризно жариште. На сцената сега стапуваат Русија и Кина- како светски играчи кои не се со помал авторитет од САД- а доколку успеат да се докажат, би можеле да профитираат уште повеќе. Кинеското предупредување до тимот на Трамп да се придржува до климатскиот договор од Париз, е пример за тоа; светскиот поредок, таков каков што е, засега има нови чувари.

Разнишан темел

Внатре во САД, полека се развива паралелна динамика. Сојузната влада беше темел на американскиот живот уште од 1930-те години, а во морален поглед од времето на борбата за граѓанските права. Тој темел сега е разнишан. По прашањата за абортусот, здравствената заштита, животната околина, јавното образование и многу други теми, земјата наскоро ќе се подели откако тие функции ќе им се вратат на сојузните држави. Јазот и разликите во платите ќе се продлабочат затоа што минималната плата ќе расте во некои региони, но не и во други.
Потоа на сцена стапува јавниот обвинител Џеферсон Боргард Сешнс- самото име зборува за крај на сојузните граѓански права. Овие проблеми сега ќе се пренесуваат; државата Њујорк и градот Лос Анџелес веќе одбија да соработуваат во масовните рации против илегалните доселеници. Изборите во САД ги спроведуваат сојузните влади, па гласачкото право ќе го следи актуелните политички поделби, продлабочувајќи ги и правејќи ги трајни, се додека не се појави ново движење за граѓански права. Доколку воопшто се појави повторно.

USA Wissenschaftler James Galbraith
Џејмс ГејлбрајтФотографија: privat

Легитимитетот на владата на САД, како демократија, почиваше врз широкото прифаќање на Уставот, кој беше дополнет по Граѓанската војна. Но денес, секоја институција во рамките на таа структура се доведува во прашање. Американскиот Сенат и дава на Калифорнија подеднаква тежина како и на секоја од останатите 21 држава кои заедно немаат толку население како Калифорнија. Конгресот е така поставен за да прекумерно ја претставува партијата која ги контролира државните легислатури, со пристрасност кон Републиканците. Електорскиот колеџ (изборен гремиум) им дава поголема тежина на малите држави и на тој начин спречува четири од петте најголеми сојузни држави да имаат активна улога во претседателските кампањи. Сојузните судови се ставени во рацете на анти-федерални десничарски екстремисти. Трамп не ги создаде овие услови, но делува брзо за да ги искористи. Сето ова сугерира враќање кон конфедеративниот модел, нешто што на двапати беше испробано во историјата на САД и напуштено- вториот пат по долга и крвава војна.

Поларизирачки сили

Потенцијалот за конфликт денес е очигледен. Демонстрантите во Њујорк веќе го оспоруваат легитимитетот на изборот на Трамп. Широко е распространето мислењето дека американскиот изборен систем е изманипулиран. Страв и бес владеат во заедниците на мигрантите, Афроамериканците, Латиноамериканците, ЛГБТ заедницата, во кои демократите имаат свои упоришта. Овие заедници, иако не се богати, имаат најголема политичка тежина во најбогатите држави, на двата брега и во Илиној. Доминантните политички сили таму и оние во внатрешноста сега се гледаат меѓусебе со презир. Меѓу нив зајакнуваат географската поларизација и идентитетските разлики.
Колку долго ќе преживее концептот на американскиот идентитет доколку сојузните држави настапуваат како одделни центри на моќ? Граѓаните на Советскиот сојуз и на Југославија видоа колку брзо една национална држава може да се распадне. Граѓаните на Европа гледаат како Унијата напукнува пред нивните очи. САД сеуште се далеку од тоа. Уставот, засилен по Граѓанската војна и „Њу Дил“, е силен сврзник. Но, дали ќе остане така кога реакционерните елементи, кои се во подем, ја наметнат својата волја врз деловите од општеството кои се плашат од нив или ги мразат?

Џејмс К. Гелбрајт е професор на Универзитетот на Тексас во Остин и е автор на книгата: „Добредојде во затруената реалност: Уништувањето на Грција и иднината на Европа“.