Емоционално коло на бундеслигашките стадиони
30 април 2012Шалке извојува важна победа и ги освои бодовите кои му беа потребни за обезбедување пласман во Лигата на шампионите. Победата на домашен терен од 4:0 над Херта го обезбеди третото место, што значи дека Шалке заедно со Борусија Дортмунд и Бајерн со сигурност ќе игра во најквалитетното европско натпреварување. Посебна димензија на мечот му даде простувањето на шпанскиот ас Раул од клубот. Тој на теренот дојде со своите пет деца и доби овации од присутните. Поразот, пак, за тимот на Херта значеше продолжување на борбата за опстанок до последното коло. Херта има 28 бода, два помалку од Келн, кој се наоѓа на 16-та позиција на табелата, која пак обезбедува учество во баражот за опстанок против третопласираниот тим од втората лига. Келн во саботата загуби на гостувањето кај Фрајбург со 4:1, па и неговите навивачи, слично како и оние на Херта, на крајот на мечот заплакаа стравувајќи од збогување со највисокиот ранг.
Балак и Адлер се простија од Леверкузен
Сите грижи околу испаѓањето од лигата се веќе минато за тимот на Хамбургер. Решавачкиот бод беше освоен на домашен терен против Мајнц, во меч без голови. За одбележување на дуелот беше единствено простувањето на навивачите на Хамбургер од хрватскиот репрезентативец Младен Петриќ, кој на крајот на сезоната ќе го напушти клубот.
Емоционално беше и на Бај Арената во Леверкузен, каде Бајер го совлада Хановер со 1:0 и обезбеди учество во Лига Европа следната сезона. Од дресот на Бајер се простија поранешните репрезентативци Михаел Балак и голманот Рене Адлер.
Во следното, последно коло, ќе се решава и за последниот учесник во Лига Европа. Во моментов, на седмата позиција, која обезбедува директен пласман е Хановер со 45 бода, но Волфсбург сега има само еден поен помалку и по победата над Вердер од 3:1 може да се надева на пласман доколку победи во последното коло.
Славје во Минхен
Во Минхен викендов се славеше големиот триумф над Реал Мадрид во Лигата на шампионите, а попатно беше остварена и победа над Штутгарт од 2:0. На крајот на мечот навивачите се простија од резервниот голман Ханс Јорг Бут кој ја завршува кариерата, како и од хрватскиот репрезентативец Ивица Олиќ кој заминува во Волфсбург.
Во Менхенгладбах од публиката се простуваа Марко Ројс и Данте, кои заминуваат во Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен. Домашната Борусија не успеа да слави против Аугсбург и остана на четвртата позиција на табелата, па ќе мора преку квалификации да се бори за учество во Лигата на шампионите. Ремито без голови беше доволно за големо славје на фудбалерите на Аугсбург кои со освоениот бод го потврдија прволигашкиот статус. Во Кајзерслаутерн, старо-новиот првак Борусија Дортмунд однесе убедлива победа од 5:2 над новиот второлигаш.
Во последниот дуел, кој не решаваше ништо, Хофенхајм на домашен терен беше поразен од Нирнберг со 3:2, по што двата тима си ги заменија местата во златната средина на табелата, Нирнберг е сега 10-ти, а Хофенхајм на 11-то место.