1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Македонија мора да го промени ставот

15 април 2010

Македонија ќе мора да го менува законот за антидискриминација донесен на почетокот на април - ова е официјалниот став на Европската комисија, даден за Дојче веле денеска.

https://p.dw.com/p/MwaQ
Фотографија: DW / Cöllen

Во писмото на портпаролката на еврокомесарот за проширување Штефан Филе јасно стои дека Македонија не ги почитува директивите 2000/43и 2000/78 на Европската комисија, според кои сексуалната ориентација мора да биде експлицитно наведена во законот како основа врз која е забрането да се дискриминира. Другите основи кои мораат да бидат наведени, стои во одговорт на Европската комисија, се расата, етничкото потекло, верата и хендикепот.

На прес конференција доцна вчера (14.04.2010) во Брисел, еврокомесарот Штефан Филе уште еднаш потврди дека сексуалната ориентација мора да влезе во законот, тој откри и дека за ова го известил македонскиот премиер Никола Груевски писмено, на 31 март годинава.

„Се‘ уште стојам зад ставот дека сексуалната ориентација мора да биде дел од законот и за тоа испратив писмо до премирот Груевски пред да се гласа законот“, рече Филе.

Schwule in Europa - Symbolbild
Сексуалната ориентација мора да влезе во законот, вели еврокомесарот ФилеФотографија: PA/dpa/DW

Од македонската влада утрово изјавија дека го добиле писмото на комесарот Штефан Филе на осми април и дека веднаш го препратиле на координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Силвана Бонева. Останува нејасно зошто тогаш Собранието изгласало закон за кој знаело дека не е во согласност со европските директиви и правила.

Вчера во разговор за Дојче Веле на оваа тема реагираше и европратеникот Зоран Талер кој оцени дека целата контроверза околу законот за антидискирминација крие многу подлабоки политички и реформски проблеми. Инаетењето на владата не носи позитивни поени во Брисел, смета Талер.

Нацрт верзиите на законот за антидискриминација ја вклучуваа сексуалната ориентација, но од непознати причини владеачката ВМРО ДПМНЕ ја избриша и создаде незадоволство меѓу граѓаните, но и во Брисел.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска