1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Екс-Југосите“ во Германија брзо фатија приклучок

2 декември 2009

За 24 дена околу светот-е мото на живиот Адвентски календар, што по третпат го организира берлинското маало Солдинер Киц. Се стартуваше со „Балканска вечер” на која се претстави дел од културата на некогашна Југославија.

https://p.dw.com/p/KnlA
Германците немаат предрасуди за „Екс-Југосите“, смета авторот Ридигер РосигФотографија: DW

„Во Солдинер киц, каде живеат многу различни нации, на простор од 4 километри има можност за 24 дена да се запознаат различните култури. Започнавме со Балканот на кој се претставени различни националности од поранешна Југославија. Потоа ќе има вечер на Израел, па на Палестина, концерт на госпел музика, литературни читања, танц и уште многу други интересни вечери", вели Керстин Каие , иницијатор на живиот Адвентски календар во берлинскиот кварт Вединг.

Lebendiger Adventskalender im Soldiner Kiez
Керстин Каие од Солдинер КицФотографија: DW

Видео на Балов

По музичките минути со младите рапери по потекло од Босна, следеше видеото на Јован Балов, за кого организаторите кажуваат дека е вистински мотор на културните случувања врзани за Балканот и екс-Југославија. Балов во “Последното одбројување” симболично се простува од своето минато. Како што вели, видеото настанало сосема спонтано. Од мостот „Виножито” во Дунав го фрла знамето на некогашна Југославија. Тоа е оној мост кој беше бомбардиран од НАТО, а потоа изграден за три месеци. Местотот каде всушност се граничат ЕУ и Балканот.

Потоа збор имаше Ридигер Росиг, новинар и автор на книгата „Екс-Југос”, младите мигранти од Југославија и од државите наследнички. На прашањето зошто Германците и денес Југославија ја идентификуваат со Јадранот, Хрватска, Србија и многу малку знаат за Македонија, тој одговара:

Der Lebendige Adventskalender im Soldiner Kiez
Јован Балов се претстави со видеото „Последно одбројување“Фотографија: DW

„Претставите на Германците за Балканот доаѓа од Првата и Втората светска војна кога непријател беше Србија. Потоа преку гастербејтерите кои главно беа од Босна, Хрватска, Србија и помалку од Словенија и Македонија. Така сите зборуваа српски, и луѓето од Македонија и од Косово и како такви беа и прифатени. Не смее да се заборават и туризмот и годишните одмори кои и за Германците во шеесеттите и седумдесеттите беа фантазија крај Јадранот и Хрватска ”, оценува Росиг забележувајќи дека Македонија нема крајбрежје и оние кои патуваа во Охрид беа заинтересирани за културниот туризам, но беа малубројни. Од друга страна, среќа е што Македонија не беше на првите страници, зашто во неа немаше војна и тоа е убаво.

Немаше предрасуди за Југословените

На првата станица од живиот Адвентски календар, Росиг се осврна на 18 портрети кои ги претставува во книгата и кои се сторија за доселувањето луѓето од некогашна Југославија и земјите наследнички во Германија. Притоа, не ги заобиколи ни нивните таковини, историјата, војните, поп-култрата - Бело дугме, Рибља чорба, Влатко Стефановски... Росиг кажува и зошто Југословените беа посебни:

Der Lebendige Adventskalender im Soldiner Kiez
Во „Екс-Југос“ Ридигер Росиг ја дава историјата на доселувањето од поранешната држава и од нејзините наследничкиФотографија: DW

„Интересно е дека за луѓето од Југославија Германците немаат систем на предрасуди. За нив нема дефиниција дека се работливи, мрзеливи, мирни или немирни. Едноставно Југословените се Југословени. Мислам дека причина за ова е што во времето кога пристигнаа како гастарбајтери, западногерманската кулктура им беше многу блиска. Имаа музички вкус кој беше компатибилен и можеа да најдат приклучок во германскиот. Дури и луѓето кои доаѓаа од селата знаеја што е филм и кинематографија. Вториот голем бран бегалци кои ги донесе војната беа уште поподготвени да најдат приклучок кон германската култура. Токму и затоа доселениците од Балканот, иако се втора најголема група од просторот кој не припаѓа на ЕУ, се практично адаптирани и не паѓаат в очи во германската средина“, коментира Ридигер Росиг, новинар, автор и познавач на Балканот.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска