1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ексхумација на Пабло Неруда - дали тој повторно пишува историја?

Астрид пранге де Оливиера / Е. М. Фиданоска8 април 2013

Дали чилеанскиот носител на Нобеловата награда за литература Пабло Неруда бил убиен? Ексхумацијата која почнува денеска треба да даде одговор за причините за смртта. Резултатот може многу да влијае врз политиката во Чиле

https://p.dw.com/p/18BTJ

Мора ли Чиле да ја преработува историјата? Ексхумацијата на Пабло Неруда (1904 -1973) ја принудува јужноамериканската земја повторно да се соочи со поновото минато. Со анализата на посмртните останки на носителот на Нобеловата награда за литература конечно треба да се стави крај на спорот околу причините за смртта на Неруда (на фотографијата горе во јуни 1966 година).

Пабло Неруда почина на 23 септември 1973 година, токму 12 дена по воениот пуч на Аугусто Пиноче во Чиле. Според досегашната официјална верзија, причина за смртта е рак. Но поранешниот возач на Неруда, Мануел Араја, кој го возел поетот во болница, го оспорува ова. Тој е сигурен дека носителот на Нобеловата награда и критичар на режимот во болница бил отруен со средство за смирување болки.

Manuel Araya persönlicher Fahrer von Pablo Neruda
Мануел Араја, личен возач на Неруда, се сомнева во официјалната верзија за причините за смртта на носителот на Нобеловата наградаФотографија: Getty Images/AFP

Судскиот налог за ексхумација сега треба да ги расчисти сомневањата за убиство на Неруда, кои постојано се зголемуваа во изминатите 40 години. Според наводи на службата за судско вештачење (Servício Médico Legal) во Сантјаго, остатоците од коските на поетот ќе бидат прегледани од страна на меѓународен тим составен од лица од судска медицина, антрополози, биохемичари и токсиколози. Раководителката на Одделот за судско-медицинско утврдување на идентитетот, Марисол Интриаго Леива, за ДВ вели дека анализите по толку години се „тешки, но не и невозможни“.

Во потрага по вистината

Ексхумациите се дел од процесот на соочување со минатото во Чиле. За време на воената диктатура на генерал Аугусто Пиноче, која траеше од 11 септември 1973 до 11 март 1990, загинаа или „исчезнаа“ околу 30.000 луѓе. Идентификацијата на измачуваните и убивани противници на режимот е свесно отежнувана од страна на генералите. Се‘ уште не се идентификувани сите жртви. Болната потрага по роднините продолжува.

Chile Exhumierung Pablo Neruda
Чилеанскиот судија Марио Кароза (втор од десно) во инспекција на гробот на Неруда пред почетокот на eксхумацијатаФотографија: Reuters

„Вистината лежи во посмртните останки“, нагласува Александра Манеску, која по налог на Меѓународниот комитет на Црвениот крст се грижи за припадниците на семејствата на убиените и „исчезнатите“. Таа е единствена Германка во експертскиот тим. „Достоинството на мртвите мора да се зачува“, гласи еден од нејзините основни постулати. Страдањето на семејствата и по 20 или 30 години е исто толку големо како на денот по смртта, вели Манеску, „дури и ако тоа не се гледа“.

И за надлежниот чилеански судија Марио Кароза „од решавачко значење е да се стигне до вистината, која голем дел од општеството не ја знае“. Кароза пред две години даде налог за ексхумирање на Салвадор Аљенде (1908 - 1973). Истрагата потврди дека екс-претседателот се самоубил.

Сомневања

Во случајот со Пабло Неруда сомневањата во официјалната верзија за причината за смртта се зголемија во последната деценија. Неруда беше лекуван во Сантјаго, во истата клиника како и поранешниот чилеански претседател Едуардо Фреи Монталва. Монталва, кој во Чиле владееше од 1964 до 1970 година, почина во 1982 година по, како што се велеше, неколку операции од хернија (кила). Сепак, по спроведената истрага од страна на судска медицина во 2009 година, се покажа дека христијанскиот демократ всушност бил отруен со талиум и иперит.

Pablo Neruda
Пабло Неруда (фотографија од окромври 1971 година)Фотографија: AP

Новинарот Марио Антонио Гузман од чилеанското „Радио Кооператива“ затоа оценува дека „има нешто“ во сомневањата за убиство во случајот на Неруда. Тој за ДВ нагласува дека прогонот на водачи од редовите на политичарите или студентското движење бил метод кој свесно се користел.

Политички земјотрес

Во фондацијата Пабло Неруда во Сантјаго на ваквите размислувања се гледа со скепса. „Фондацијата е убедена дека Неруда починал од рак на простата“, вели портпаролот Карлос Малдонадо. Доколку истрагата покаже нешто друго, на земјата и‘ претстои политички земјотрес, предвидува тој. „Тоа би бил брутален удар за земјата“, вели Малдонадо. Од сите злодела сторени за време на диктатурата на Пиноче, тоа би било едно од најбруталните.

Моментот на ексхумација (почнува денеска, 08.04.2013) на Неруда доаѓа во исклучителен политички момент, зашто Чиле е среде изборна кампања. Во ноември треба да се изберат нов парламент и нов претседател. „Ако се утврди дека Неруда бил една од првите жртви на диктатурата, тоа ќе има влијание врз изборите“, убеден е новинарот Гузман. Тогаш многумина претставници на владата ќе мора да бидат подготвени да одговараат на прашања за нивниот став за воената диктатура.

Во посмртните останки на најпознатиот поет на Чиле значи се крие и натаму голема политичка експлозивност. Можеби носителот на Нобеловата награда повторно ќе ја потресе латиноамериканската душа и ќе предизвика нова обработка на историјата во татковината.